• сабота, 21 декември 2024

Потпишана Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата

Потпишана Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата

Скопје, 25 март 2024 (МИА) - Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата потпишаа денеска трите медицински комори, Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, Министерството за здравство, медицинските факултети во земјава и Институтот за јавно здравје.

Како што беше истакнато на прес-конференцијата по овој повод, целта на Декларацијата е создавање поширок фронт за поддршка на вакцинацијата и одржување континуитет на активностите за промоција на имунизацијата. 

-Вакцинацијата е најголема придобивка на човештвото. За жал, според податоците за 2022 година, во однос на примарната вакцинација и ревакцинација не е постигнат препорачаниот опфат од над 95 отсто за ниту една вакцина на национално ниво. Регистрираниот опфат е под 90 отсто за сите вакцини. Како последица на ова, веќе се соочуваме со епидемија на голема кашлица, а ризикот од повторно соочување со нови епидемии на мали сипаници, е сериозен, рече Калина Гривчева - Старделова,  претседател на Лекарската комора.

Лекарите, истакна Гривчева - Старделова, ги разбираат родителите кои се соочени со многу неверодостојни и неточни информации поврзани со вакцините, особено на социјалните мрежи, што предизвикува неоправдан страв и одбивање или одложување на вакцинацијата.

-Ние, како најрелевантен извор на информации, треба да ги осигураме родителите дека редовната вакцинација е неопходна за да се одржи добро здравје кај децата и општата популација, а вакцините се безбедни и сигурни, потенцира Гривчева - Старделова.

Според неа, не треба да постојат сомнежи дали децата треба да бидат редовно вакцинирани.

Со Декларацијата која денеска ја потпишавме, испраќаме порака до родителите за важноста на вакцините.

Министерот за здравство Илир Демири рече дека јавноста мора да се сензибилизира за да се постигне оптималната вакцинација.

Прес-конфернцијата во Лекарската комора почна со едноминутно молчење во знак на почит кон двајцата починати, 67-годишниот лекар од Скопје и 40-годишната докторка од Скопје, која загина во сообраќајка пред неколку дена. мч/аа/

Фото: МИА 
 
 
 
 
 
 
 
 

Остани поврзан