• среда, 27 ноември 2024

Потврден 281 нов случај на делта сојот во Грција, шест региони под зголемен надзор

Потврден 281 нов случај на делта сојот во Грција, шест региони под зголемен надзор
Атина, 15 јули 2021 (МИА) – Драстично зголемен бројот на нови случаи на Ковид-19, повторно над 2.700 ново заразени за 24 часа, потврден 281 случај на делта сојот, а шест региони под лупата на властите и на чекор пред воведување мерки, е актуелната епидемиолошка слика во Грција, согласно последните официјални податоци, јави дописничката на МИА од Атина. Според седмичниот извештај од Националната организација за јавно здравје на Грција, потврдени се вкупно 703 мутации на коронавурусот, од кои 320 се „алфа“, 281 „делта“, 100 се „бета“ и два „гама“, додека пак 174 позитивни случаи се следат. По овие податоци од изминатите седум дена, во Грција досега има вкупно 402 случаи на делта сојот, од кои, како што анализира МИА, најголемиот дел, 242 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, 75 во Ираклио на Крит, 21 во Ретимно, исто така на Крит, 12 во Солун, шест во Коринт, пет на Санторини, по четири на атинскиот аеродром, во областа Ахаиа и на островите Икарија и Лезбос, три во областа Етолокарнанија и на Парос и Евија, по два во областа Арголида, на Кефалонија и на Халкидики и по еден во 10 други области. Сепак, доколку се анализираат официјалните податоци за мутациите во Грција, доминантен е алфа сојот со 78,32 отсто од вкупниот број мутации, а потоа следи делта со 2,13 проценти наспроти 0,67 отсто колку што беше минатата седмица. Денеска се потврдени 2.794 нови случаи на Ковид-19 и шест починати лица, а професорката, епидемиолог и член на надлежната комисија во Министерството за здравство на Грција Вана Папаевангелу, на редовната прес-конференција рече дека за две седмици речиси пет пати се зголемил бројот на нови случаи на седмично ниво, а во последните 15 дена 80 отсто од заразените се под 39 години. Папаевангелу истакна дека младите кога се враќаат од летните одмори го пренесуваат вирусот во нивната семејна или работна средина. Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, на редовната прес конференција соопшти дека шест региони: островите Миконос, Парос, Санторини, Иос и градот Ретимнос на Крит се под зголемен надзор, ќе се зголемат тестирањата, но и истакна дека се еден чекор пред преземање конкретни мерки, додавајќи дека тоа е нешто што може и да се избегне. Меѓу новите мерки кои попладнево ги соопшти Хардаљас за овие шест региони е дека од сабота за невакцинираните вработени во туризам и угостителство, задолжителни се тестирања два пати седмично, со еден рапид и еден селф тест, а истото важи и за екипажот на бродовите. Дополнително, построги се и протоколите за детските летни кампови каде што за влез е задолжителен негативен рапид и ПЦР тест, децата ќе бидат тестирани еднаш седмично со селф тестови, а вработените кои не се вакцинирани ќе се тестираат два пати седмично, но и забранети се секакви посети. ср/

Остани поврзан