• сабота, 23 ноември 2024

Постигнат договор за целосен прекин на непријателствата во Нагорно-Карабах

Постигнат договор за целосен прекин на непријателствата во Нагорно-Карабах

Степанакерт, 20 септември 2023 (МИА) - Ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах денеска објавија дека ќе го прекинат огнот и ќе го положат оружјето, сигнализирајќи го крајот на антитерористичката операција што ја започнаа азербејџанските сили во отцепениот регион. 

Преку посредство на командата на рускиот мировен контингент стациониран во Нагорно-Карабах, постигнат е договор за целосен прекин на непријателствата од 13 часот (9 часот по Гринич) на 20 септември 2023 година, соопшти самопрогласеното претседателство на регионот во објава на социјалните мрежи. 

Операцијата на Азербејџан во Нагорно-Карабах ќе заврши доколку ерменските сепаратисти го „остават оружјето“, рече претходно претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев во телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, се вели во соопштението на претседателството. 

Алиев му рекол на Блинкен дека „антитерористичките мерки ќе бидат запрени доколку (силите на Карабах) го положат оружјето“, се вели во соопштението. 

-Прашањата покренати од азербејџанската страна за реинтеграција, обезбедување на правата и безбедноста на Ерменците од Нагорно-Карабах... ќе бидат разгледани на состанокот меѓу претставниците на локалното ерменско население и централните власти на Република Азербејџан. Тие ќе се одржат во градот Јевлах утре, 21 септември, соопштија денеска сепаратистичките власти. 

Поранешен висок функционер во администрацијата на етничките Ерменци во Нагорно-Карабах денеска изјави дека речиси 100 луѓе биле убиени, а стотици други биле повредени во отцепениот регион откако Азербејџан започна, како што рече, „голема војна“.

Азербејџан ги отфрли обвинувањата дека неговата цел е етничко чистење на Карабах и вели дека ќе ги заштити правата на ерменските цивили во областа според сопствениот устав. 

Дом на околу 120 илјади луѓе, Нагорно-Карабах е етнички ерменски регион во Азербејџан што е жариште од распадот на Советскиот Сојуз. Регионот и големите околни територии паднаа под контрола на етничките ерменски сили со поддршка на ерменската армија на крајот на сепаратистичката војна. Азербејџан ги врати териториите и деловите од самиот Нагорно-Карабах во борбите во 2020 година. 

Поголемиот дел од азербејџанското население беше протерано до крајот на борбите во 1994 година. Потоа, во средината на борбите во 2020 година, околу 90 илјади етнички Ерменци беа раселени, некои од нив ги запалија своите домови пред Азербејџаните да се преселат. 

Во воената операција на Азербејџан досега загинаа 27 лица, меѓу кои двајца цивили, а повеќе од 200 се повредени. Азербејџан објави дека две лица се убиени на териториите на Карабах под нивна контрола. Жителите на некои села се евакуирани, а Азербејџан најави дека се отворени „хуманитарни коридори“ за евакуација. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан