• среда, 25 декември 2024

Постигнат договор за државјанствата, неизвесна работата на Собранието

Постигнат договор за државјанствата, неизвесна работата на Собранието
Скопје, 17 април 2021 (МИА) - Владата и опозициските партии на Албанците постигнаа договор за законот за државјанство. Детали ќе се соопштат откако предлогот ќе се стави на хартија, со точни правни формулации. На законското решение ќе работат предлагачите, ќе го достават кај извршната власт и потоа ќе биде претставено пред јавноста. Сепак, се уште е неизвесно кога Собранието целосно ќе се одблокира и кога ќе бидат ставени пред пратенциите на пленарна седница петиот пакет антикризни мерки и точките усогласени меѓу власта и опозицијата. Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши по средбата во Собранието вчера изјавија дека е постигнато решение, а деталите ќе се соопштат откако ќе се стават на хартија. -Веруваме дека има договор, тоа е вистинската формуалција, затоа што ќе ја видиме кога ќе ја ставиме на хартија. Решение се постигна, и не навлегувам во деталите. Има наративно усно решение, целта е да го ставиме на хартија, а денови се во прашање, само да се стави на хартија, рече Заев. Според лидерот на Алијанса за Албанците, Села повеќе детали за законот за државјанство ќе бидат објавени најверојатно на почетокот на следната недела. – Со овој закон ние имаме цел најмалку, минимално, сите граѓани кои што живеат и живееле повеќе од 30 години во Македонија да не останат без државјанство и еднаш засекогаш да го решиме овој проблем. Затоа продолжуваме да сме на добар пат за решавање на овој проблем и се надевам дека многу брзо на почеток на следната недела ќе излеземе заедно со нашиот последен и финален став, кој ќе биде достапен и за јавноста да се знае кои се прашањата за кои сме се согласиле, секогаш водејќи се од идејата дека е важно да се реши проблемот, а не да говориме добри и големи зборови, рече Села. Во принцип на секој човек што е роден во Република Македонија, матична држава му е Македонија, ја појасни Села позицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Измените на законот треба да биде основа за добивање државјанство, вели тој, потенцирајќи дека нивната позиција е на сите што се родени тука да им се констатира дека се државјани на земјата. Од ДУИ тврдат дека во изминатите години ги олесниле и поедноставиле процедурите за добивање државјанство. Досега, според нив, во постапка за стекнување со државјанство се 2.674 лица од кои помалку од половина се Албанци. По постигнатиот договор за државјанствата, нема најави кога усогласените точки, а особено пакетот анти-кризни мерки ќе бидат изгласани во Парламентот За тоа дали ќе се донесе петтиот сет анткризни мерки, премиерот Заев тврди дека има пари во Буџетот за петтиот пакет мерки. – Пари во буџетот има за реализација на петтиот пакет антикризни мерки. Буџетот е стабилен и има добра наплата и во Управата за јавни приходи и во Царината, изјави Заев. Најави дека се работи на шестиот пакет мерки кој ќе биде насочен кон угостителскиот сектор кој поради рестриктивните мерки не работи во овој период. Во однос на завчерашните случувања во Парламентот, каде требаше да се донесе петтиот пакет антикризни мерки, Заев упати одговорите да се бараат кај претседателот на Парламентот, замениците и координаторите на пратеничките групи. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека Талат Џафери како претседател на Собранието треба да најде начин со сите пратенички групи да создаде хармонија и да заврши една работа која е во интерес на граѓаните. Џафери, како што рече, може дома да се однесува своеволно, ама како претседател на Собрание треба да им служи на граѓаните.

-Работава не е игра, луѓето немаат плата земено, затоа треба Џафери да го постави на дневен ред потребното, а не да игра политиканство. Закони кои сакаат да ги поминат на насилен начин, закони во кои не се прифаќа ниту еден амандман. Или договореното на координациите не коресподнира со тоа што се случува потоа, рече Мицкоски.

Засега останува неизвесно кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат изгласани законските решенија од пакетот анти-кризни мерки, како и другите точки усогласени на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши за законот за државјанство. По завчерашните повеќечасовни расправии за тоа како треба да продолжи да работи законодавниот дом, седница вчера не се одржа. На собраниската веб-страница следната пленарна седница - 39-та е закажана на 21 април, но на дневен ред не се пакетот антикризни мерки и усогласените прашања меѓу власта и опозицијата. мд/ац/  

Остани поврзан