• вторник, 24 декември 2024

Постапката за екстрадиција на Палевски може да трае неколку месеци (ДПЛ)

Постапката за екстрадиција на Палевски може да трае неколку месеци (ДПЛ)

Скопје, 13 декември 2023 (МИА) - Постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, може да трае неколку месеци, информираат од Министерството за правда.

Барањето за екстрадиција било изготвено истиот ден откако е добиено официјалното известување од МВР за апсењето на Палевски, велат од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда.

Оттаму појаснуваат дека постапката за барање на екстрадиција од наша страна е иста за сите земји, Министерството за правда постапува по добиено известување од СМПС-Интерпол, дека лице барано по меѓународна потерница е лоцирано или лишено од слобода во странска држава.

-Од дента кога се апсеше бевме во координација со СМПС-Интерпол, како и со ОЈО Скопје. Во 9:20 го добивме официјалното известување од МВР и отворивме предмет. Барањето за екстрадиција беше спремно, министерот го потпиша и истиот ден беше преведено. Пред тоа да го направиме побаравме веднаш да биде задржан во притвор за екстрадиција, велат во брифинг за новинарите од Секторот за меѓународна правна помош.

Појаснуваат дека постапката за екстрадиција во ваквите предмети трае неколку месеци, а исклучок се само случаите на скратена постапка кога лицето прифаќа да биде екстрадирано. Се што сме работеле со Турција, велат од Секторот, вклучено е и Министерството за надворешни работи, бидејќи како што појаснија, Турција има ставено резерва на вториот протокол на Конвенцијата за екстрадиција.

Барањето за екстрадиција на Палевски до Турција беше испратено преку три канали, соопштуваат од Секторот. 

-Директно преку ДХЛ, вчера стигна известување дека го примија оригиналот, втор оригинал испративме другиот ден преку Министерството за надворешни работи, како и скенирана копија преку Интерпол, соопштија од Секторот за меѓународна правна помош и додаваат дека Република Турција има повеќе од 100 барања за екстрадиција дневно.

Брифираат дека мала е можноста за Палевски да побара азил, бидејќи како што велат од Секторот, барање за азил се поднесува веднаш откако ќе влезете во државата.

Во врска со поранешното барање од страна на Република Турција за екстрадиција на т.н. „Ѓуленисти“ и за евентуалната можност за покренување на тоа прашање во овој случај, од Секторот за меѓународна правна помош појаснуваат дека тоа прашање не е на маса помеѓу двете земји. ра/сх/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан