• вторник, 26 ноември 2024

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Скопје, 19 август 2024 (МИА) -  Дизел горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за половина денар за литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,50 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 71,5, а на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 71 денар за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 95 и понатаму ќе се продава за 79,5, а ЕУРОСУПЕР БС - 98 за 81,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,491 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 46,295 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 1,126 отсто, кај дизелот за 1,333, кај екстра лесното масло за 2,161, а кај мазутот за 1,851 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,3232 отсто. вј/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан