• сабота, 28 декември 2024

Посебни правила и прописи за организираните плажи во Грција, но и строги казни за прекршувачите

Посебни правила и прописи за организираните плажи во Грција, но и строги казни за прекршувачите
Атина, 15 мај 2020 (МИА) - Сопствениците на организираните плажи во Грција интензивно работат на подготовките за утрешното отворање, под нови и строги правила и прописи, за кои доколку има прекршување, предвидени се и строги казни, јави дописничката на МИА од Атина. Плажите ќе бидат отворени од осум часот наутро, а ќе постои контрола на влезот и регистрирање на бројот на посетители. Дозволени ќе бидат 40 лица на 1.000 метри квадратни. Минималното растојание помеѓу оските на чадорите треба да биде 4 метри и еден метар меѓу периметарот на сенката на двата чадори. Дозволени се две лежалки на еден чадор, со исклучок на семејствата со мали деца, додека пак растојанието меѓу лежалките од два различни чадори треба да биде еден и пол метар. Кафулињата и баровите на плажите ќе работат исклучиво со продажба на пакувани производи и кафе и тоа за носење, а забранета е продажба на алкохолни пијалоци. На вработените им се препорачува да носат маска, а се обврзани да ги дезинфицираат лежалките по секој посетител. На плажите ќе биде забрането тимско спортување со физички контакт, а сите посетители треба да го држат и потребното растојание. За непочитување на новите правила и мерки, предвидени се казни пд 5.000 до 20.000 евра, во зависност од големината на плажата, како и затворање на 30 дена. Во случај на втор прекршок, казната е тројно поголема. Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на вчерашната редовна прес конференција во Министерството за здравство, порача дека ако некој од сопствениците не е подготвен да отвори под конкретните услови, тогаш подобро воопшто да не отвора и да ризикува. -Упатувам повик до сопствениците и управителите на конкретните бизниси за доследно спроведување на правилата. Станува збор за клучна точка во нашите обиди, што мора успешно да ја поминеме. Затоа мерките ќе бидат заштитени и строго ќе се контролираат, а казните и санкциите во случај на прекршување, ќе бидат исто така строги, рече Хардаљас Поради најавите за топол бран за време на викендот, Секретаријатот за цивилна заштита на Грција завчера соопшти дека од сабота се отвораат 515 организирани плажи во земјата. Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пеца на вчерашниот редовен брифинг со новинарите рече дека отворањето на организираните плажи во Грција, „ќе биде важен тест што треба успешно да го поминеме“. -Сега сме повикани да покажеме дека со правила и зрелост можеме безбедно, ова лето да уживаме во убавините на нашата татковина. Ова ќе биде најдобриот пасош за рестартирање, не само на домашниот, туку пред сѐ на странскиот туризам, рече Пецас. ср/

Остани поврзан