• сабота, 23 ноември 2024

Поројни врнежи во ноќните часови, се очекува зголемување на водостојот на реките

Поројни врнежи во ноќните часови, се очекува зголемување на водостојот на реките

Скопје, 19 јануари 2023 (МИА) – Во попладневните и во ноќните часови ќе има врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни така што локално се очекуваат над 30 литри на метар квадратен дожд, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во повеќе делови од земјата, како резултат на врнежите во изминатиот период и топењето на снегот, земјата е заситена со влага и се очекува брза реакција на помалите реки и суводилици низ земјава каде на места се можни локални излевања, со посебно внимание на југоисточните делови и Струмичкиот регион.

Од УХМР посочуваат дека и кај поголемите реки се очекува зголемување на водостојот, а пред се на водотеците во западниот дел на земјата каде во сливот на релите Радика, Сатеска, Треска и горниот дел од сливот на Вардар се очекуваат значително високи водостои.

Поради можноста од појава на поројни, интензивни врнежи, придружувани со засилен јужен ветер, можни се локални проблеми кај дел од градските урбани населени места каде би се појавиле ваков тип на врнежи.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот и утрешниот ден. мд/дма/

 

Остани поврзан