• сабота, 23 ноември 2024

Поранешниот свештеник „Дон Евро“ осуден на 7,5 години затвор за изнуда од бискуп и трошеше парохиски пари на забави и дијаманти

Поранешниот свештеник „Дон Евро“ осуден на 7,5 години затвор за изнуда од бискуп и трошеше парохиски пари на забави и дијаманти
Рим, 4 февруари 2022 (МИА) - Некогашниот италијански свештеник, Лука Морини, познат по прекарот „Дон Евро“ поради постојаното барање пари од парохиските верници, е осуден за изнуда на поранешен бискуп, јави Би-Би-Си.
Морини, кој по серијата скандали ги изгуби свештеничката служба и статус, пред два дена е осуден на затворска казна од седум ипол години, пренесе Хина.
Тој е осуден и за лажно претставување, бидејќи кажувал дека е судија додека ангажирал машки проститутки.Ослободен е од другите обвинувања, како тоа, на пример, за изнуда од калуѓерка.
Морини беше свештеник во Понтасерчи, тоскански град со 2.600 жители, кој се наоѓа северно од Пиза. На почетокот, луѓето го сметале за добродушен човек. Но, набрзо го добил прекарот „Дон Евро“, поради постојаните барања за пари од верниците. Според италијанските медиуми, парите кои ги добивал Морини, не се потрошени за потребите на црквата, туку за негови забави по клубови и купување дијаманти. Пресудата за изнуда се однесува на поранешниот бискуп на Маса Карара, Џовани Сантучи, кого го уценил да му позајми стотици илјади евра и да му купи куќа. Морини треба да плати и 14.000 евра отштета за четворица мажи поради лажно претставување. Обвинителите бараа подолга казна, но таа е намалена, бидејќи судот пресуди дека Морини пати од психичка болест. бд/сд/

 

Остани поврзан