• вторник, 24 декември 2024

Поранешниот премиер на БиХ осуден на четири години затвор за набавка на неисправни респиратори

Поранешниот премиер на БиХ осуден на четири години затвор за набавка на неисправни респиратори

Бања Лука, 27 јануари 2024 (МИА) - Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) ја потврди првостепената пресуда за случајот „Респиратори“, со која поранешниот премиер на Федерацијата БиХ Фадил Новалиќ (СДА) е осуден на четири години затвор.

Поранешниот директор на Управата за цивилна заштита на Федерацијата БиХ (ФУЦЗ) Фахрудин Солак е осуден на шест години затвор, а Фикрет Хоџиќ, директорот на компанијата „Сребрена малина“, која набавувала неисправни респиратори за време на пандемијата на корона вирусот, на пет години затвор.

Според пресудата, компанијата „Сребрена малина“ мора да врати речиси 700.000 конвертибилни марки (околу 386 илјади евра) и да плати казна од 200.000 КМ (повеќе од сто илјади евра) во рок од шеесет дена по правосилната пресуда.

Новалиќ го оцени целиот процес како „монтиран“, наведувајќи дека „странските режисери и домашните изведувачи го доведоа процесот до крај со грубо кршење и газење на правдата“.

Тој денеска на Фејсбук напиша дека ќе ја „разоткрие структурата“ која го осмислила процесот против него и дека во наредните денови ќе ги презентира сите информации што ги има во врска со, како што оцени, „монтираниот процес“.

Новалиќ, Солак и Хоџиќ се обвинети дека набавиле стотина респиратори вредни пет милиони евра, кои ги увезла компанијата „Сребрена малина“ од Кина за потребите на Федералната управа за цивилна заштита по прогласувањето на пандемијата на корона вирусот во 2020 година. Подоцна се покажало дека купените респиратори се неисправни.

Судењето траеше повеќе од две години. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан