• понеделник, 23 декември 2024

Поранешниот потпретседател на Еквадор хоспитализиран откако колабирал во затвор

Поранешниот потпретседател на Еквадор хоспитализиран откако колабирал во затвор

Буенос Аирес, 9 април 2024 (МИА) – Поранешниот потпретседател на Еквадор, Хорхе Глас кој е во затвор, е однесен во болница поради здравствени проблеми, пренесе ДПА.

Глас (54) бил пронајден во неговата ќелија со симптоми на можен васкуларен колапс, се вели во соопштението на еквадорската затворска управа СНАИ. Глас одбиваше да јаде во претходните 24 часа, се вели во соопштението.

Тој потоа бил однесен во поморската болница во пристанишниот град Гвајакил и неговата состојба е стабилна.

Глас беше осуден на неколку години затвор поради корупција во 2017 година и беше ослободен пред две години. Очигледно плашејќи се од повторно апсење, тој избега во мексиканската амбасада во Кито во декември и таму побара азил.

Во петокот, еквадорски безбедносни сили насилно влегоа во амбасадата и го уапсија Глас. Мексико потоа ги прекина дипломатските односи со Еквадор.

Постапките на владата во Кито беа остро критикувани и од другите земји во регионот и Европа.

Претседателството на Еквадор соопшти дека Мексико ги прекршува меѓународните договори и нагласи дека Глас е предмет на налог за апсење за проневера, по што треба да се постапи и нема да му биде дозволено да го напушти Еквадор. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан