• вторник, 24 декември 2024

Поранешниот директор на тетовската болница не чувствува вина за пожарот

Поранешниот директор на тетовската болница не чувствува вина за пожарот

Тетово, 6 септември 2022 (МИА) - Поради отсуство на дел од обвинетите се одложи почетокот на судењето за пожарот во модуларната болница на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судијата Јордан Велковски судењето го презакажа за 14 октомври во 10 часот.  

Од обвинитети на првото рочиште присутен беше тогашниот директорот на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими, додека отсутни беа економскиот директор Артан Етеми и докторот Бобан Вучевски.

-Се што имам да кажам за овој судски процес за трагичниот случај ќе го кажам тоа пред судот. Ве молам вие како медиуми и јавноста да го следи овој процес. Бидејќи јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината. Затоа сум тука денеска да ја кажеме вистината, јас сакам истото да се обелодени што побргу и да се дознае вистината за овој случај, изјави обвинетиот Фљорин Бесими за медиумите откако судскиот процес беше одложен.

На новинарското прашање дали е виновен, Бесими рече дека не признава вина.

-Тоа ќе го кажам во судот со докази. Не, рече Бесими на заминување.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово.  Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинжинер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. Пожарот во модуларната ковид болница се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, животот го загубија 14 лица, а повеќе пациенти беа тешко повредени. ас/дма/

Остани поврзан