Поранешен голман на Јунајтед: Ван Нистелрој ќе се снајдеше подобро од Аморим
- Поранешниот голман на Манчестер Јунајтед, Бен Фостер, верува дека Руд ван Нистелрој би се снашол подобро како менаџер на клубот од актуелниот - Рубен Аморим

Манчестер, 25 април 2025 (МИА) - Поранешниот голман на Манчестер Јунајтед, Бен Фостер, верува дека Руд ван Нистелрој би се снашол подобро како менаџер на клубот од актуелниот - Рубен Аморим.
Ван Нистелрој помина низ тежок период во Лестер откако го презеде тимот во ноември. „Лисиците“ испаднаа од Премиер лигата, а под негово водство и водството на неговиот претходник Стив Купер, клубот собра само 18 бода во 33 натпревари.
Во меѓувреме, Манчестер Јунајтед, исто така, поминува низ сериозен пад под водство на поранешниот тренер на Спортинг Лисабон, кој исто така го презеде тимот во ноември, заменувајќи го Ван Нистелрој, кој беше назначен за привремен менаџер. „Црвените ѓаволи“ моментално ја заземаат незавидната 14-та позиција на табелата.
Во својот поткаст, насловен како „Фозкаст“, Фостер го сподели своето мислење.
-Дали Ван Нистелрој ќе се снајдеше подобро од Аморим во Јунајтед доколку останеше? Според мене, да. Тој има почит од играчите и искрено не верувам дека може да се претстави полошо од она што го направи Аморим, вели тој.
Ван Нистелрој го презеде Манчестер Јунајтед на привремена основа откако се раздели со Ерик тен Хаг, забележувајќи три победи и едно нерешено во четири натпревари. Иронично, две од тие победи беа против Лестер – 3:0 во лигата и 5:2 во Лига купот.
Според Фостер, Холанѓанецот заслужувал да остане на функцијата подолго. Кога ко-водителот го оспори овој аргумент, тврдејќи дека Ван Нистелрој нема да биде долгорочно решение, Фостер одговори:
„И Аморим не е, ако мене ме прашувате. Минатата недела, по победата против Лион, тој рече дека ќе им даде шанса на младите играчи до крајот на сезоната. Ова е јасен знак дека Премиер лигата повеќе не е приоритет. Потсвесно, ова исто така предизвикува играчите да забават. дс
Фото: Архива