• среда, 25 декември 2024

Поради честите дојави за бомби МВР на Србија донесе повеќе мерки

Поради честите дојави за бомби МВР на Србија донесе повеќе мерки

Белград, 14 декември 2023 (МИА)- Министерството за внатрешни работи на Србија поради зачестените дојави (вкупно 80 пријави за експлозивни направи во различни образовни институции) ќе спроведе обука за вработените во училиштата која ќе опфати: мерки за контрола на пристапот, превентивен преглед на просториите на институцијата, како и дефинирање на безбедно место, по примерот на позитивните искуства на земјите кои имаат сличен проблем, јави дописникот на МИА од Белград.

Според соопштението на МВР, ангажирани се сите човечки и материјално-технички ресурси за подобрување на безбедноста на децата, а во соработка со надлежното обвинителство преземани се активности за откривање и гонење на одговорните лица.

-Од почетокот на учебната 2023/2024 година до денес пристигнати се вкупно 80 дојави на неколку десетици електронски адреси во различни образовни институции на територијата на Република Србија. По секоја поединечна пријава, полициските службеници постапиле одговорно и професионално, извршиле прегледи и сите потребни проверки, врз основа на кои било утврдено дека пријавите се лажни, се наведува во соопштението.

Додаваат дека од почетокот на учебната година околу 2.500 полицајци ги обезбедуваат сите училишта во Србија и секогаш се подготвени брзо да реагираат за да се обезбеди безбедност и заштита на децата.

Оттаму посочуваат дека Министерството за внатрешни работи интензивно соработува со сите надлежни институции на национално и меѓународно ниво за идентификување на IP адресите на испраќачите на дојавите и нивните корисници, и до крајот на утрешниот ден се очекува опсежна меѓународна акција на апсење лица поврзани со наведените дојави.

-Ваквите дојави, како вид на специјална психолошка војна, претставуваат обид за дестабилизација на Република Србија и за воведување паника и немир меѓу нејзините граѓани. Најважен приоритет на МВР е безбедноста на децата како најчувствителна категорија, а полициските службеници ќе истраат со сите активности за децата да растат во безбедно и безгрижна средина, се вели во соопштението.

Синоќа претседателотАлександар Вучиќ најави акција на апсење во Србија и во странство на лица поврзани со дојавите на бомби. об/сд/

Остани поврзан