Поради се помалиот број ученици, во дебарските деветолетки паралелки со помалку од 20 ученици, се намалува и бројот на првачиња
- Во Општина Дeбaр и во новата учебна 2025/2026 година, ќе има помалку ученици во основното образование, појава присутна со години наназад, условена од масовното иселување на жителите, како од градот, така и од селата, кон земјите од Европската Унија, САД, но и други градови во земјава.
Дебар, 31 август 2025 (МИА) - Во Општина Дeбaр и во новата учебна 2025/2026 година, ќе има помалку ученици во основното образование, појава присутна со години наназад, условена од масовното иселување на жителите, како од градот, така и од селата, кон земјите од Европската Унија, САД, но и други градови во земјава.
Поради помалиот број ученици и годинава, што, како проблем, го посочуваат директорите на трите деветолетки, со одлука на Советот на општината ќе бидат формирани паралелки со помалку од 20 ученици, што се случува неколку години по ред.
Во трите образовни институции, од година во година се помал е бројот на оние кои за првпат седнуваат во ученичка клупа, што го потврдуваат управите на училиштата.
-Во нашето училиште, каде наставата се изведува на македонски и албански наставен јазик, во прво одделение запишани се вкупно 86 првачиња. Од нив 25 за настава на македонски, поконкретно 21 во Дебар и 4 во подрачното училиште во селото Џепиште, додека 61 за настава на албански јазик. По некое непишано правило одреден број очекуваме да се запише утре, на првиот училиштен ден, но како и да е бројот ќе биде помал за околу 10 отсто, изјави за МИА, Ајет Мулареџа, директорот на ООУ „Пенестија“, најголемо основно училиште во општината.
Идентична е состојбата и во останатите две деветолетки. Во ООУ „Саит Најдени“ во градот, каде наставата се изведува на албански наставен јазик, запишани се 22 првачиња од предвидените педесетина.
Во ООУ „Ристе Ристески“ во Долно Косоврасти и двете подрачни училишта, во Горно Косоврасти и Могорче, каде наставата се одвива на македонски наставен јазик, запишани се 30, што е за 13 првачиња помалку споредено со минатата учебна година.
Од управите на училиштата велат дека се е подготвено за утрешниот почеток на новата учебна година, откако во сите нив се реализирани потребните активности.
Пред бранот миграција што ја зафати општината во училиштата имаше околу 500 првачиња. вт/вј/
Фото: МИА