• понеделник, 21 октомври 2024

Поплавите во Бангладеш уништија милион метрички тони ориз

Поплавите во Бангладеш уништија милион метрички тони ориз

Дака, 21 октомври 2024 (МИА) – Поплавите во Бангладеш уништија околу 1,1 милиони метрички тони ориз, покажаа податоците на Министерството за земјоделство, принудувајќи ја владата итно да ја увезе основната храна.

Поплавите беа предизвикани од обилните монсунски дождови, во два големи бранови кои однесоа најмалку 75 човечки животи во август и октомври и ја загрозија егзистенцијата на милиони луѓе. Најмногу штети претрпеа посевите на истокот и северот на Бангладеш.

Во такви услови, производството на ориз е значително намалено, соопшти Министерството за земјоделство, додавајќи дека Владата планира да увезе 500.000 тони ориз со забрзано темпо. Се очекува наскоро да се дозволи увоз и во приватниот сектор, рече претставник на Министерството.

Преодната влада се обидува да ги стабилизира цените на храната, кои во последните месеци пораснаа за речиси 20 отсто. Поголемиот увоз на Бангладеш би можел да значи повеќе испораки за Индија, најголемиот светски извозник на ориз, кој во септември ја намали извозната давачка за парбоилд оризот на 10 отсто.

Поплавите оштетија и други земјоделски култури, па производството на зеленчук е намалено за 200 илјади тони. Штетата од поплавите во земјоделството се проценува на околу 45 милијарди таки (380 милиони долари).

Бангладеш произведува 40 милиони тони ориз годишно и е трет по големина производител во светот. Оризот е основна храна во земјата со 170 милиони жители, но родот често е оштетен од природни катастрофи, па владата е принудена да го увезува. јт/

Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан