• петок, 15 ноември 2024

Полска ќе им понуди на НАТО и САД проширување на „противракетниот штит“

Полска ќе им понуди на НАТО и САД проширување на „противракетниот штит“

Варшава, 11 ноември 2024 (МИА) – Полска ќе преговара со САД и НАТО за проширување на областа на примена на „противракетниот штит“ на Северноатлантскиот сојуз, изјави вицепремиерот и министер за национална одбрана, Владислав Косињак-Камиш.

- Според мене, треба да го прошириме опсегот на противракетниот штит и за тоа секако ќе разговараме со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и со нашите партнери од САД, нагласи Косињак-Камиш во врска со плановите за отворање на американска база за противракетна одбрана на 13 ноември во Реџиково во северниот дел на Полска, јави ТВН24.

Тој нагласи дека Полската народна партија (ПСЛ) мора да одигра важна улога во овие разговори поради нејзините добри контакти и со демократите и со републиканците.

- Подготвени сме за ова, додаде полскиот министер.

Според него, полско-американската алијанса е многу силна, а доказ за тоа е отворањето на американската база за противракетна одбрана во Реџиково следната среда.

Тој додаде дека ова не е само американска инвестиција, туку активност на НАТО во целина.

Шефот на Бирото за национална безбедност на Полска, Јацек Сивира, на денешниот ден кога Полска го слави Денот на независноста, изјави дека е „добар момент“ да се разговара за датумот на отворање на противракетниот штит во Реџиково.

- Денот на независноста изгледа како добар момент да се зборува за тоа. Претседателот Анджеј Дуда денеска од државната прослава оди директно во Азербејџан, но на враќање ќе слета во Гдањск, од каде ќе оди на официјалното отворање на Противракетната база Егис во Реџиково в среда, соопшти Сивира.

Во заклучоците од јулскиот самит на НАТО во Вашингтон беше истакната оперативната подготвеност на противракетната база во Реџиково.

- Тоа е елемент на европскиот фазен адаптивен пристап (EPAA), кој го претставува придонесот на САД во интегрираниот систем за воздушна и ракетна одбрана на Европа и на целата област на НАТО, се вели во соопштението на НАТО.

За време на самитот во Вашингтон, тогашниот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг соопшти дека базата Реџиково е подготвена да ја почне својата мисија. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан