• среда, 25 декември 2024

Полска ја одбележува 79-годишнината од Варшавското востание

Полска ја одбележува 79-годишнината од Варшавското востание

Варшава, 1 август 2023 (МИА) - Во Полска денеска се одбележува 79-годишнината од Варшавското востание, битката против германските нацисти која траеше 63 дена, во која загинаа 200.000 цивили, а Варшава беше срамнета со земја.

Варшавското востание, кое се смета за една од најголемите операции во Втората светска војна, започна на 1 август 1944 година, а заврши на 2 октомври 1944 година.

Иако се мислеше дека нема да трае повеќе од неколку дена, востанието кое траеше два месеци, полскиот народ го доживува како „херојска епопеја“.

За време на прославите што се одржуваат во главниот град Варшава, се делат полски знамиња и се одржуваат маршеви.

Варшавското востание беше востание на полската копнена армија за време на Втората светска војна со цел да се ослободи Варшава од германската окупација. Борбите во Варшава започнаа на 1 август 1944 година како дел од националното востание во Полска. Полските трупи им даваа отпор на Германците до 2 октомври 1944 година.

Полјаците изгубија 16.000 војници и 200.000 цивили. Имаше околу 20.000 ранети. Германските загуби изнесуваат повеќе од 17.000 убиени војници и околу 9.000 ранети.

По завршувањето на востанието, водачот на нацистите, Адолф Хитлер, издаде наредба Варшава да се срамни со земја. Германските сили систематски уништија повеќе од 85 отсто од градот со пламенофрлачи и артилерија.

Во 2004 година, Собранието на Варшава претстави проценка според која штетата што ја претрпел градот за време на Втората светска војна изнесувала околу 45 милијарди долари по девизниот курс од таа година. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан