• среда, 27 ноември 2024

Полската опозиција ја договори идната влада, Доналд Туск ќе биде премиер

Полската опозиција ја договори идната влада, Доналд Туск ќе биде премиер

Варшава, 24 октомври 2023 (МИА) – Лидерите на полските опозициски проевропски партии, кои на изборите на 15 октомври освоија мнозинство во двата дома на парламентот, денеска најавија дека заедно ќе формираат влада и дека тие за премиер го предлагаат поранешниот претседател на Европскиот совет, лидерот на Граѓанската коалиција, Доналд Туск. 

-Како лидери на опозицијата, ја потврдивме нашата подготвеност за соработка и создавање парламентарно мнозинство. Денешната декларација ќе го смири претседателот и ќе му ја олесни задачата. Подготвени сме да формираме влада, изјави денеска Туск.

Тој, како лидер на најсилната опозициска партија, либералната Граѓанска коалиција, Шимон Холовња и Владислав Кошњак-Камиш како лидери на центристичкиот Трет пат и лидерот на Новата левица, Влоѓимјеј Чажасти, денеска заедно се појавија пред медиумите за да апелира до претседателот Дуда да не го одложува свикувањето на новиот состав на парламентот до 14 ноември, кога е крајниот рок, туку што поскоро да свика седница на Сејмот, Долниот дом на полскиот Парламент.

-Партијата Право и Правда потроши осум години од нашите животи. Наместо да не водите кон иднина во која ќе живеат нашите деца, вие не вративте 50 години назад. Затоа апелираме до претседателот Дуда да не троши уште една секунда од нашето време. Нема што да се чека, постои мнозинство за формирање влада, рече Холовња.

Претседателот Дуда денеска ги почна консултации за тоа кому да му го довери мандатот за формирање влада, а први беа лидерите на досегашната владејачка партија Право и Правда на Јарослав Качински, откако популистите на Качински трет пат по ред освоија најголем број гласови, но 75 отсто од 29-те милиони гласачи кои излегоа на избори, им дадоа удобно мнозинство во двата дома на проевропските демократски партии.

Претходната опозиција во новото свикување има 248 пратеници од 460 во Долниот дом и 66 сенатори од 100 во Горниот дом.

Претседателот Дуда пред изборите рече дека во првиот обид за формирање влада мандатот ќе го додели на партијата која освоила најмногу гласови поединечно, иако однапред било јасно, а и самиот вицепремиер Качински призна дека волјата од гласачите беше таква што Право и Правда заврши во опозиција.

Доналд Туск како иден премиер и неговите коалициски партнери се обидуваат да го убедат Дуда да не губи време со тој прв обид што е осуден на неуспех, туку веднаш да му го додели мандатот на Туск. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан