• вторник, 24 декември 2024

Половина од слободните места пополнети во првиот уписен рок во средните училишта во Кочани и Виница 

Половина од слободните места пополнети во првиот уписен рок во средните училишта во Кочани и Виница 

Кочани, 5 јули 2024 (МИА) – Само половина од предвидените слободни места се пополнети во првиот рок за запишување во средните училишта во Кочани и Виница. Поради слабиот одѕив за одредени струки во прашање е доведено формирањето на планираните паралелки и реализирањето на наставниот процес.

Во Кочани од вкупно 530 слободни места пополнети се 289, а завршените основци покажале поголем интерес за стручното образование, во однос на гимназиското, така што за вториот уписен рок во овие паралелки има само по неколку места.

-Во гимназијата „Љупчо Сантов“ се пријавија 171 ученик и тие најмногу се интересираа за стручното образование, односно за струките економија, право и трговија, каде сите профили се исполнети со максимален број. Тоа не значи дека бројот на запишани ученици во гимназиското образование не ги исполни очекувањата, но ќе работиме на создавање можности за да ги мотивираме и да го изберат и овој профил на образование. Слободни места за запишување во вториот уписен рок, освен кај гимназиското образование има и за хемиско-лабораториската струка, истакна Катерина Димитрова, од СОУ „Љупчо Сантов“.

-На првиот уписен рок имавме 118 ученици, при што веќе се формирани три паралелки со четиригодишно образование во машинската струка. Кај електротехничката струка ќе имаме четири паралелки со четиригодишно и една со тригодишно образование. Исто така, имаше интерес и за сообраќајната струка, каде е оформена една паралелка со четиригодишно образование. За вториот уписен ќе преостанат 63 слободни места и очекуваме дополнителен број запишани, истакна Владо Симеонов, директор на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани.

Вкупно 116 ученици се запишале во првиот уписен рок во средното училиште во Виница, што е нешто повеќе од половината предвидени места со конкурсот, а најслаб одѕив е регистриран за текстилното образование.

-Најголем интерес имаше за стручното образование, при што машинската, прехранбената и сообраќајната струка се скоро пополнети. Во гимназиското образование се запишаа 46 ученици, додека за текстилно-кожарската струка се пријавија само четири ученика. Во зависност од одѕивот што ќе го имаме во вториот уписен рок, ќе се види како овде ќе се изведува наставата, истакна Тихомир Тасев, директор на СОУ „Ванчо Прке“ – Виница. 

Во средните училишта од двете општини, во соработка со домашни компании, се изведува и дуално стручно образование. Притоа во СОУ „Гошо Викентиев“ е отворен тренинг центар за ПЛЦ програмирање, а учениците од „Љупчо Сантов“ имаат можност за практична настава за модулот економски техничар. та/дма/

 

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан