• понеделник, 23 декември 2024

Полициските синдикати со мирен протест во Битола побараа ослободителна пресуда за полицаецот Гоце Петковски

Полициските синдикати со мирен протест во Битола побараа ослободителна пресуда за полицаецот Гоце Петковски

Битола, 13 ноември 2021 (МИА) - Независниот полициски синдикат, со кој претседава Гоце Делчев Тодев и Независниот синдикат на затворската полиција и администрација со кој претседава Горан Ристевски, одржаа мирен протест на Широк Сокак и битолските улици, и побараа ослободителна пресуда за Гоце Петковски, полицаец од Битола.

Полициските синдикати бараат поништување на пресудата од Кривичниот суд во Скопје со која Гоце Петковски од Битола е осуден на една година затвор заради употреба на прекумерна сила против Невзад Јашаровски од истиот град. - Во Битола се обединуваат сите синдикати и отпочнуваме една сериозна синдикална битка. Се што се случуваше и сè што видовме на снимки, говори дека само ослободителна пресуда е пресуда која ќе биде правична и Гоце ќе треба да си продолжи со работа и да ги штити граѓаните. Не може некој за убиство на човек да биде осуден шест или седум месеци, а некој поради ништо на една година затвор, истакна Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот полициски синдикат. Според Никола Кирковски, претседател на синдикалната организација Синдикат на полиција, на Петковски му е изречена законска казна која го доведува во опасност моментот на идни интервенции на полицијата, додека пак во изјава за медиумите, Горан Ристевски од Незвисниот синдикат на затворска полиција и администрација, најави иницијатива за измени на Законот за кривична постапка за полициските лица вработени во Министерството за внатрешни работи. - Од понеделник независните синдикати при Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија ќе поднесат измени и дополнувања на Закон за кривична постапка каде што овластените лица во редот на полицијата вработени во МВР како и затворската полиција да се избрише членот каде што припадник на безбедноста ќе се гони во делот на организиран криминал. Ние бараме да се води редовна постапка како за сите граѓани. Секој што направил злоупотреба да се казнува по кривичен законик како и останатите граѓани, нагласи Ристевски. Како што е познато, минатата година во септември, во Битола обвинетиот полицаец Гоце Петковски при обезбедување на место на сообраќајна несреќа, го совладал Невзад Јашаровски, а по завршувањето на судскиот процес, Судот констатира дека полицаецот употребил прекумерна сила и го понижил Јашаровски и изрече ефективна казна затвор од една година за полициски службеник за прекумерна употреба на сила. мт/ки/

Остани поврзан