• среда, 25 декември 2024

Извештајот на МЦМС: Политичката и етничката припадност остануваат најчести основи за дискриминација, секој трет бил дискриминиран по најмалку еден основ

Извештајот на МЦМС: Политичката и етничката припадност остануваат најчести основи за дискриминација, секој трет бил дискриминиран по најмалку еден основ

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Политичката и етничката припадност и понатаму остануваат најчести основи за дискриминација, доколку пак секој трет граѓанин бил дискриминиран по најмалку еден основ, покажуваат резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој поддржан од Европската унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го спроведе во текот на мај и јуни оваа година.

Намалена е довербата на граѓаните во институциите со цел спречување и заштита од дискриминација, покажуваат податоците, единствена институција која што бележи пораст е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Податоците на барометарот за перцепцијата на граѓаните, за тоа кои се најчестите основи за дискриминација, во најголем дел се на линија со статистиката на КСЗД, истакна претседателот на КСЗД, Игор Јадровски во своето воведно обраќање на конференцијата и додаде дека во изминатите три години, заклучно септември 2023 година, Комисијата постапувала по вкупно 847 претставки.

Тој вели се зголемува бројот на граѓани кои прво би ја контактирале Комисијата како институција во која што би побарале спречување и заштита од дискриминација.

-Слична е ситуацијата со компатибилноста на областите во кои граѓаните перцепираат дискриминација и податоците на Комисијата. Дискриминацијата најчесто се случува во областа на работа и работните односи, пристапот до добра и услуги, и медиумите и јавното информирање, рече Јадровски.

Резултатите покажуваат дека испитаниците кои се изјасниле дека биле дискриминирани во последните 12 месеци, најчесто биле дискриминирани во јавниот простор, како и додека барале работа или биле на работа. Секој петти испитаник изјавил дека бил дискриминиран од здравствен персонал.

Во 2023 г. речиси нема разлика во перцепцијата за етничка дискриминација меѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Споредувајќи ги истражувањата од претходните години за перцепцијата за етничка дискриминација меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, перцепцијата за дискриминацијата врз основа на етничка припадност се намалила кај Албанците, а се зголемила кај Македонците.

На денешната конференција присуствуваше и евроамбасадор во земјава Дејвид Гир, кој истакна дека Европската Унија ги поддржува напорите за борба против дискриминацијата во најразлични области и постојано ја разгледува сопствената внатрешна стратегија, за тоа што може делегацијата да направи за да ја зголеми својата ефикасност во справувањето со дискриминацијата.

-За вас како земја кандидат, прашањето е како најдобро да го искористите процесот на пристапување, со цел да се напредува на патот кон ЕУ. Мислам дека она што го гледате е дека законодавството на Европската Унија дава многу можности и можете да го искористите како потпора за понатамошни реформи. Да се искористат институциите што постојат овде и да се осигура нивната ефикасност во борбата со овие прашања, истакна Гир. ра/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан