• петок, 22 ноември 2024

"Политико": Руското разузнавање врбувало ирски пратеник

Даблин, 7 октомври 2024 (МИА) - Руското разузнавање успеало да врбува ирски пратеник да дејствува како агент за влијание, соопшти „Политико“. Ирскиот премиер Сајмон Харис изјави дека тоа воопшто не го изненадува, пренесува „Сандеј Тајмс“.

Според новинарот Џон Муни, информацијата е потврдена од двајца високи ирски службеници од владата и правосудниот систем.

Официјални лица изјавија за „Политико“ дека пратеникот бил регрутиран во 2019 година додека Русија се обидувала да ги поттикне тензиите поврзани со Брегзит меѓу Ирска и Обединетото Кралство, особено во британскиот регион Северна Ирска.

Пратеникот не е уапсен или обвинет бидејќи не извршил кривично дело, туку градел врски со агенти на Кремљ кои дејствувале од руската амбасада во Даблин. Поради строгите закони за клевета, пратеникот не е јавно идентификуван.

Харис изјави дека обидите на руските разузнавачи да врбуваат агенти во Ирска значително се зголемиле од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Во март 2022 година, Ирска протера четворица руски дипломати обвинети за шпионажа. Москва возврати со забрана за ирски политичари да патуваат во Русија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан