Политико: Иднината на Волц е доведена во прашање по протекувањето на воен план
- Откритието дека највисоки функционери на американската администрација случајно вклучиле новинар во групен разговор во кој разговарале за воени планови против Хутите, предизвика жестока дебата во Белата куќа дека советникот за национална безбедност Мајкл Волц треба да биде принуден да поднесе оставка, пишува американското издание на порталот Политико.

Вашингтон, 25 март 2025 (МИА) – Откритието дека највисоки функционери на американската администрација случајно вклучиле новинар во групен разговор во кој разговарале за воени планови против Хутите, предизвика жестока дебата во Белата куќа дека советникот за национална безбедност Мајкл Волц треба да биде принуден да поднесе оставка, пишува американското издание на порталот Политико.
Сè уште ништо не е решено, а претставниците на Белата куќа предупредија дека претседателот Доналд Трамп на крајот ќе донесе одлука во следните ден или два, пренесува Фонет.
Висок претставник на администрацијата за Политико изјавил дека се водат дискусии за тоа што да се прави со Волц, по медиумските извештаи дека тој ненамерно го вклучил главниот уредник на „Атлантик“ Џефри Голдберг во приватен разговор, разговарајќи за воен напад против Хутите.
- Половина од вклучените во дискусијата веруваат дека нема да го преживеат овој скандал или дека не треба да го преживеат, наведува изворот на порталот.
Соработниците на Белата куќа, од кои двајца се на високи позиции, веруваат дека Волц треба да поднесе оставка за да не се доведе претседателот Доналд Трамп во лоша позиција.
- Беше непромислено да не се провери кој е во разговорот, непромислено беше тој разговор да се води на социјалната мрежа Сигнал. Не можете да бидете непромислени ако сте советник за национална безбедност, рекол изворот за Политико.
Голдберг добил барање да се приклучи на Сигнал, шифрирана апликација за пораки, од „Mike Waltz“, а потоа бил вклучен во групен разговор наречен „Хути ПЦ мала група“ (Houthi PC Small Group).
Во групата биле секретарот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс и директорката на Националната разузнавачка служба Тулси Габард. јт/
Фото: ЕПА