• понеделник, 23 декември 2024

„Политико“: ЕУ размислува за намалување на својот дипломатски персонал ширум светот 

„Политико“: ЕУ размислува за намалување на својот дипломатски персонал ширум светот 

Брисел, 28 октомври 2024 (МИА) – Под притисок на потребата за „стегање на ременот“, Европската комисија планира „драматично намалување“ на бројот на вработените во многу од мисиите и делегациите на ЕУ ширум светот, а за возврат да го зголеми персоналот во земјите каде што лежат примарните стратешки интерес на блокот, објави бриселскиот портал „Политико“. 

Ваквата идеја доаѓа во време кога Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) го надмина одредениот буџет за 2024 година и се проценува дека во сегашната поставеност за следната година би и бил потребен поголем буџет, како резултат на зголемените трошоци и инфлацијата. 

- Одржувањето статус кво не е опција. На ЕУ и треба мрежа на делегации подобро прилагодена на новите политики и политички приоритети... Тоа треба да се постигне со ограничен буџет, се вели во документ со ознаката „чувствително“ во кој увид имал „Политико“. 

Во контекст на потребата од намалување на трошоците, се размислува за преиспитување на организациската поставеност на ЕЕАС и за поголема посветеност кон земјите од непосредното соседство на ЕУ и од Г20, на новите „политички и економски сили“ и на државите чија „нестабилноста претставува закана за интересите на ЕУ“.  

Зајакнувањето на дипломатското присуство на ЕУ во овие земји во услови на намален буџет, би резултирало со намалување на персоналот во земји во Африка, Азија и Латинска Америка. Со идејата не се предвидува затворање на ниту една од сегашните 145 делегации и мисии на ЕУ ширум светот, кои ја имаат улогата на амбасади на Унијата, туку само „консолидирање на поголем број дипломати во регионални центри“.  

Дополнително се предвидува и поврзување на делегациите на ЕУ во странство со тамошните претставништва на Европската инвестициска банка и на мисиите за цивилна заштита или хуманитарна помош. 

Сепак претставници на ЕУ, кои побарале анонимност, за порталот изјавиле дека ваквиот потег ќе се одрази на влијанието на Унијата ширум светот и ЕУ ќе ја загуби својата дипломатска тежина во региони како Африка и Латинска Америка. 

- Оставањето мали делегации на места како Судан или Нигер, само би било погрешна порака, особено во услови на американска администрација која веројатно ќе биде помалку заинтересирана за надворешниот свет. Ако оставиме само шеф на делегација и возач, тогаш тоа едноставно е погрешно, изјави анонимен претставник на ЕУ. 

Негов колега, пак, вели дека ваквата идеја предизвикува сериозна загриженост дека земји како Русија или Кина „би можеле да го пополнат секој вакуум што го создава“ ЕУ, додека трет претставник на блокот изјави дека „наоколу лебдат чудни идеи“, како создавање регионален центар во Индија, кој би го покривал и нејзиниот главен ривал Пакистан. 

Со ваквите мерки на кратење се предвидува дека без работа би останале речиси 800 локални службеници во делегациите и мисиите на ЕУ. 

Претставник на ЕЕАС изјави дека во услови на ограничен буџет „на маса треба да се стават сите идеи“, иако, според него, ваквиот предлогот „не е созреан“.  

Според извори во ЕУ, за овој предлог ќе се разговара во текот на декември откако на должност ќе стапи новата висока претставничка на Унијата за надворешна политика и безбедност Каја Калас. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан