• среда, 25 декември 2024

Политико: Американци проценуваат дека Путин би можел да употреби хемиско оружје

Политико: Американци проценуваат дека Путин би можел да употреби хемиско оружје
25 ноември 2022 Политико Претставници од администрацијата на Бајден проценуваат дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да употреби хемиско оружје во Украина, доколку руските трупи продолжат да губат територија во Украина. Тие потврдуваат дека администрацијата на Бајден се подготвува за такво нешто со вложување во производството на системи за брзо откривање хемиски напад, пишува Политико. Тие тврдат дека немаат никакви разузнавачки податоци што би сугерирале оти хемиски напад е неизбежен. Напротив, многу претставници на Министерството за одбрана очекуваат борбите брзо да запрат за време на зимските месеци, а ниту една од страните во конфликтот нема да може да заземе многу терени. Меѓутоа, во случај на континуирани загуби на бојното поле или целосно фијаско на руската војска, некои највисоки претставници веруваат дека Москва би можела да прибегне кон користење хемиско оружје, вклучувајќи го и тоа што е користено во труењето на Алексеј Навални. Неименуван претставник тврди дека таков напад може да вклучи хемикалии што лесно може да се сокријат, што на западните земји би им го отежнало докажувањето руска вина. Американците го подобруваат нивниот систем на одбрана од хемиски напад Експерти се уверени дека Русите би можеле да употребат хемикалии за напад со масовни жртви, иако е познато оти Москва користи нервен агенс Новичок против една или две лица истовремено. Тие ја нагласуваат можноста оти некои хемикалии може да се претворат во аеросол или да се користат во муницијата за нанесување штета на голема група луѓе. Советот за национална безбедност не сакаше да ги коментира претпоставките за потенцијален хемиски напад. Американците се свесни за фактот дека Русија вложува значителни средства со цел зајакнување на способноста на нејзиното хемиско оружје. Сенаторите есенва беа информирани за руските резерви хемиско оружје и закани во Украина. Песимистичните предвидувања ја принудија администрацијата на Бајден да ги подобри детекцијата и подготовката за потенцијален хемиски напад. Претставник на Министерството за одбрана потврди дека Пентагон оваа есен испрати тимови во земји во Источна Европа да ги освежат нивните вооружени сили во поглед на постапки при хемиски или биолошки закани. Дополнително, Соединетите Американски Држави за Киев обезбедија хемиска, биолошка и нуклеарна заштитна опрема, како дел од пакет за безбедносна помош во вредност од милијарда долари. Високи претставници ја поддржуваат промената во американскиот пристап на подготовка и одговор на потенцијални напади од хемиско оружје од страна на разни актери, вклучувајќи ја и Русија. Историјата на руското користење хемиско оружје Администрацијата на Бајден развива планови за зголемување на инвестициите во производните капацитети за системи за рано откривање и носечки технологии како маски. Исто така, се обидува да пронајде модел за да собере што подобри разузнавачки податоци за способностите и резервите на земјите. САД општо ги зајакна напорите во следењето на руската употреба на Новичок, откако меѓународната заедница го поврза со труењето на критичарот на Путин, Навални и поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал. Во 2018 година, Скрипал и неговата ќерка дошле во контакт со агенсот, додека Навални е отруен во 2020 година, но, сите три жртви го преживеаја нападот. САД ја санкционираа Русија поради употреба на Новичок, првенствено целејќи на субјекти вклучени во развој на капацитетите на земјата за хемиско оружје. Исто така, Русија се поврзува со употреба на хемиско оружје во Сирија. Американците ја обвинуваа Москва дека ѝ помага на сириската Влада во прикривање употреба на забранета отровна муниција за време на граѓанската војна. „Хемикалиите лесно се сокриваат“ Грегори Кобленц, директор на Био-одбранбената програма на Универзитетот Џорџ Мејсон, тврди дека супстанциите што се користат за развој на хемиско оружје, лесно се сокриваат и оти собирањето разузнавачки податоци за нивниот развој, особено за офанзивни цели, станува сè потешко. - Нашите традиционални разузнавачки методи каде сме многу добри, како сателитски слики и разузнавачки сигнали, всушност не се толку корисни за да ви кажат што се случува внатре во еден од овие клучни биолошки објекти. За тоа ви се навистина потребни разузнавачки податоци, што многу тешко се добиваат, појасни Кобленц. Руски претставници во октомври ги обвинија Украинците дека планираат да активираат „валкана бомба“ и подоцна за тоа да ги обвинат Русите. Западни лидери ги негираа овие тврдења, предупредувајќи дека Москва би можела да го искористи лажното обвинување како изговор за ескалација на конфликтот. За време на кризата, американски претставници имаа голем број телефонски разговори со нивните украински и руски колеги, а загриженоста поради потенцијална закана со валкана бомба, „малку е намалена“, потврди еден висок претставник на американското Министерство за одбрана. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан