• сабота, 08 март 2025

Поетско читање по повод 70 години од излегувањето од првата стихозбирка на Анте Поповски

Поетско читање по повод 70 години од излегувањето од првата стихозбирка на Анте Поповски

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - По повод 70 години од излегувањето од печат на првата стихозбирка на современиот македонски поет, академик Анте Поповски, во културниот центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи поетско читање насловено „Одблесоци“.  Со овој културен чин, ќе биде означен почетокот на осмото издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски - Антево перо“.

Настанот е конципиран во неколку делови со главен фокус насочен кон младите поети - учесници на манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“ во изминатите седум години, како добитници на наградата „Антев часовник“ или како избрани во потесните кругови на селекција за истата награда.

Како што е најавено, модератори ќе бидат младите Светла Јакшиќ и Софија Тодороска, а со свои творби вечерта ќе се претстават и дел од учесниците на минатогодишните работилници за креативно пишување поезија и други литературни творби, што за скопските средношколци ги организираше Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“ во рамките на проектот „Поезија во фармерки“.  

Младите поети ќе имаат  можност да разговараат со синовите на Анте Поповски, Жорж и Александар, а присутните ќе проследат и видео записи посветени на Анте Поповски.

На настанот своја поезија ќе читаат Емануела Ковачевска Китановска, Марија Филипова, Милена Сиљаноска, Светла Јакшиќ, Пепи Стамков, Софија Тодороска, Нино Наумовски, Ана Ѓорчевска, Александра Атанасова, Ива Пуовиќ, Мартина Костадиновска, Дарио Постоловски, Иво Донев, Михаела Стефановска и Методија Тасевски.бт/лв/

Фото: Плакат

Остани поврзан