• вторник, 19 ноември 2024

Поети од шест земји на 34. Поетска ноќ во Велестово

Поети од шест земји на 34. Поетска ноќ во Велестово
Скопје, 11 август 2022 (МИА) - Традиционалната Поетска ноќ во Велестово годинава ќе се одржи по 34. пат од 19 до 21 август на неколку локации во село Велестово и во Охрид. Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот. Исто така, ќе се одржат и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно, за подигање на свеста за екологијата. Официјално, програмата ќе започне во петок, на 19 август, од 21 часот, традиционално во Велестово на сретсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а наши специјални гости и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. По поетскиот портрет, истата вечер од 22 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велестово. ќе биде отворена ликовната изложба на Никола Пијанманов ‒ „Плачот на Адам“. -Програмата ќе продолжи следниот ден, на 20 август, со проектот „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“. Настаните ќе почнат од 11 часот во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид, за кога е предвидена работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и за други заинтересирани млади од регионот. Искуствата ќе ги споделат поетите од проектот OH READ: Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија), се вели во соопштението од организаторите. А истиот ден, со почеток од 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид, ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат споменатите поети од проектот OH READ, но и другите поети учесници на фестивалот: Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Северна Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка Џикова (Северна Македонија) и Зоран Јакимоски (Северна Македонија). Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи. Фестивалот ќе заврши во недела, на 21 август, со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, со што би ја подигнале свеста за екологијата. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, од Општина Охрид, од Комерцијална банка АД Скопје, како и од програмата на РЕАД ‒ Регионална Мрежа за Културна Разновидност, поддржана од Европската Унија, и други спонзори и пријатели на манифестацијата. сст/дма/            

Остани поврзан