• вторник, 17 декември 2024

Поети и писатели од светот на манифестацијата „Битолски книжевни паметења“

Поети и писатели од светот на манифестацијата „Битолски книжевни паметења“

Битола, 1 јули 2022 (МИА) - Поети, писатели и критичари од 17 држави во светот од денес и викендов учествуваат на 11. Меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ чиј домаќин и организатор е Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“.

Манифестацијата ја отвори градоначалникот Тони Коњановски, кој истакна дека со поддршката на манифестацијата, продолжуваат активностите за соодветно вреднување на македонскиот литературен јазик и за зачувување на секое испишано дело на македонски јазик.

-Да се негува творештвото, да се вреднуваат лицата кои творат проза, поезија, кои перото го користат за критика, осврт, знаење, кои создаваат книги, списанија, литературни изданија е временска рамка во која негувајќи го македонскиот јазик, го негуваме нашето битие. Деновиве, преку манифестацијата „Битолски книжевни паметења“ писатели од Битола, од Македонија, странски автори кои творат на македонски јазик, но и претставници од целиот свет, заедно ќе говорат преку мислата ставена на хартија, а дел од нив ќе бидат наградени за своите создадени дела.  Значењето на оваа манифестација, е уште поголемо од аспект на културно – туристичка промоција на големото природно и историско наследство кое што го поседува Битола. Ме радува фактот што учесниците на Битолските книжевни паметења, кои ги организира Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, заеднички ќе ги посетат и ќе ги запаметат битолските културно-историски вредности, ќе се запознаат со убавините на Пелистер и ќе прошетаат по историската патека од Првата светска војна. Општина Битола, и јас како градоначалник, со поддршката на оваа манифестација, продолжуваме со реализација на активности кои се дел од нашата заложба за соодветно вреднување на македонскиот литературен јазик и за зачувување на секое испишано дело, затоа што јазикот и пишаниот збор се дел од нашиот идентитет, нашата култура и нашето минато, а секако тие се основа и за градење на нашата иднина, истакна градоначалникот Коњановски.

Учесниците на Меѓународната манифестацијата „Битолски книжевни паметења“, поддржана од Министерството за култура ги поздравија и претседателката на „Битолскиот книжевен круг“, Елизабета Јончиќ и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, професор д-р Христо Петрески. мт/дма/

Остани поврзан