• сабота, 23 ноември 2024

Поема од Томислав Османли во чест на столетието на Блаже Конески

Поема од Томислав Османли во чест на столетието на Блаже Конески

Скопје, 18 март 2021 (МИА) - Во издание на „ВиГ Зеница“ деновиве излезе од печат поемата „Бдеења Блажеви“ со поднаслов „Пеења до потомците“ од писателот Томислав Османли. Авторот познат по неговото прозно творештво, за првпат се јавува со поетска книга. Својата поема Османли ја напиша во чест на стогодишницата од раѓањето на Блаже Конески, темелникот на македонската современа лингвистичка и книжевна култура.

Книгата е проследена со два исклучителни книжевни осврти, едниот од книжевникот Ристо Лазаров и вториот од поетот, критичар и издавач Глигор Стојковски.

„Горчливи пластови има во нашата стварност, осакатени животи, судбини, души“ – пишува  Ристо Лазаров во предговорот кон поемата: „Сака пред овој кошмар да се застане храбро, лице в лице. Баш така е застанат поетот, баш така како што му прилега на вистински Потомок на великиот Блаже Конески. Тоа веднаш се препознава низ сиот тек на поемата - дело на вознемирен и загрижен, грижодушен човек и автор. Тој инспиративно, на свој начин, ја расветлува големата, титанска моќ на идејата на Блаже Конески.

„Томислав Османли не можел да избере посоодветен лик во поемата и посоодветен пристап за да ги пренесе своите затемнети (прет)чувства - пишува писателот Глигор Стојковски во својот опсежен книжевен осврт насловен „Тревожен вик“, и додава - Блаже Конески овозможува пробивање во најдлабоките, најсуштинските национални обележја, поетскиот исказ, пак, со ритам наметнат уште во првите стихови и доследно одржан до последните, со благите метафорички преливи, со здржани емотивни и со нагласени мисловни поентирања – создава комплетно поетско дело...“

Лајтмотив на поемата со која се чествува Столетието на Конески, се неговите песни  „Татковина“ и „Снег“ кои припаѓаат на два тематски корпуса на големиот македонски лирик. Поемата „Бдеења...“ е посвета, во доба „на неспокои и несоници“ на Конески како најблагороден израз на македонскиот дух чија идеална татковина е јазикот, а лирски израз досегањата на естетската убавина: „Не почивам, а живеам јас/ во белине мугри,/ во јазикот на упорствата и на добрината/ живеам во зборот осончан/ од татковината,/ во радоста од слободата/ во спокојот / од убавината.“ – стои забележано во поемата „Бдеења Блажеви“

Во својот предговор „По патеката на учителот“ книжевникот Ристо Лазаров истакнува: „Едно сум сигурен: уште од прочитот на првиот стих на поемава 'Бденија Блажеви' на Томислав Османли, силно ќе почувствувате дека таа е набабрена од животот што го живееме, од стварноста која секој ден нѐ мачи да ја издржиме и поднесеме. Соочени сме со стихови кои треба да се декламираат, на сет глас, со жар!...“. Поемата на Османли, македонскиот книжевен првенец не го чествува пригодно туку ангажирано, фокусирајќи ја, во вид на посланија до потомците, тревожната стварност на времето кое го живееме и остро осврнувајќи се на изневерите на питомите, благородни но и остри посланија оставени како аманети на Конески.

Книгата може да се купи во книжарниците „Или-или“, „Полица“ и „Литература.мк“ на ул. „Македонија“.

Книгата „Бдеења Блажеви“ е илустрирана со портретот на Конески од истакнатиот сликар Коле Манев. Тоа е портретот кој ги краси просторите на Друштвото на писателите на Македонија, чијшто прв претседател беше токму Блаже Конески. нд/вј/

 

Остани поврзан