• понеделник, 23 декември 2024

Одбележување на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи

Одбележување на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи

Скопје, 12 март 2023 (МИА) - Под мотото „11 март 1943 – Никогаш повеќе” денеска ќе биде одбележана 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, што под покровителство на Владата, го организира Еврејската заедница во земјава и Фондот на Холокаустот.  

Одбележувањето ќе почне со поворка на живите од Музејот на Град Скопје до Монопол-Империјал Тобако. Најавени се обраќања на претседателот на државата Стево Пендаровски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство Израел- Северна Македонија, Хамад Амар, како и на Ернест Херцог од Светскиот Еврејски Конгрес, Мариа Багдасарова од Европскиот Еврејски Конгрес и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во земјава.

Во овој временски период ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на неколку сообраќајници во градот.

Одбележувањето ќе продолжи на Градските гробишта Бутел каде ќе биде положено цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и пред споменикот на паднатите борци во НОБ.  Вечерва во Националната опера и балет ќе се одржи комеморативен концерт на кој се очекува да се обратат премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Израел, Симона Франкел, претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви и претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабин Ендру Бејкер. бак/ 

Фото: МИА архива

Остани поврзан