• среда, 25 декември 2024

Под контрола пожарот во рафинеријата на автопатот меѓу Атина и Коринт – полесно повредени тројца вработени

Под контрола пожарот во рафинеријата на автопатот меѓу Атина и Коринт – полесно повредени тројца вработени

Атина, 17 септември 2024 (МИА) – Под контрола е големиот пожар што попладнево избувна во просториите на грчката нафтена компанија „Мотор Оил“ што се наоѓаа во градот Агии Теодори во близина на автопатот што ги поврзува Атина и Коринт, според соопштението од компанијата и додадоа дека полесно се повредени три лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од „Мотор Оил“ објаснија дека пожарот избувнал во просторот на единиците за рафинирање во јужниот дел на рафинеријата, причините се засега непознати, а тројца вработени во фирма-изведувач со која соработуваат, се полесно повредени во горните екстремитети и биле пренесени во болница.

Според грчките медиуми пожарот сè уште не е целосно изгаснат и на терен остануваат 60 пожарникари со 25 возила, додека пак пред да се стемни во гаснењето интервенираа и три хеликоптери.

Кусо откако избувна пожарот од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за евакуација до сите што се во конкретната област. ср/

Остани поврзан