Подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“ годинава планира да пошуми 8 хектари на три локации во Дебарско
- Подружницата „Стогово“ на Јавното претпријатие „Национални шуми“ во Дебар и годинава ќе врши пошумување согласно редовниот годишен план за оваа цел, со кој ќе биде извршено пошумување на 8 хектари во неколку локации.

Дебар, 7 март 2025 (МИА) - Подружницата „Стогово“ на Јавното претпријатие „Национални шуми“ во Дебар и годинава ќе врши пошумување согласно редовниот годишен план за оваа цел, со кој ќе биде извршено пошумување на 8 хектари во неколку локации.
- Планираме пошумување на три локации и тоа Бањиште - Горно Косоврасти, месност Клакови, каде на 3 хектари ќе засадиме ела и смрча, на исто толкава површина на потегот Јама-Мелничани ќе засадиме бел бор и Модрич-Стогово на два хектара црн бор. Пошумувањето е од огромно значење, поради што реализацијата на Планот за пошумување и годинава е приоритет, исто како и претходните години и очекуваме да се реализира без проблеми, рече Парталовски за МИА.
Овие активности, додава, се планирани за на есен, а дополнително пошумување пролетва ќе релизира и невладина организација на 5 хектари, која минатата пролет пошуми 3 хектари над градот, во атарот на село Татар Елевци.
Потсетува дека минатата година токму во овој атар опожарени беа над 45 хектари а голем пожар имаше и кај селото Гари.
- Поради тоа, во контактите со надлежните органи на јавното претпријатие „Национални шуми“ со цел да се започне со расчистување на опожарените дрва, а потоа да се изврши пошумување. Зборуваме за вештачко пошумување кое е крајно неопходно доколку нема природно пошумување. Одреден временски период професионално се набљудува дали е почнато природно пошумување, или има потреба од вештачко пошумување, со поставување на садници на локации каде имало пожари, информира Парталовски.
Подружницата, додава, посебно внимание посветува и на заштитата на шумите, секако во соработка со надлежните институции, нагласувајќи дека очекуваат да продолжи добрата соработката со цел заштита на шумите и имотот на граѓаните. вт/цр
Фото: МИА/ТППЕ-Дебар