• петок, 08 ноември 2024

Подољак: Украина нема никаква врска со нападот со дронови врз Кремљ

Подољак: Украина нема никаква врска со нападот со дронови врз Кремљ

Киев, 3 мај 2023 (МИА) - Украина „нема никаква врска“ со нападот со дронови врз Кремљ, за кој Москва го обвини Киев, соопшти денеска украинското претседателство.

-Се разбира, Украина нема никаква врска со нападите со дронови врз Кремљ, кажа Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Претходно, денеска, Русија соопшти дека соборила два украински дрона што биле насочени кон Кремљ, додавајќи дека тоа е обид за атентат врз претседателот Владимир Путин, неколку дена пред големата воена парада на 9 мај.

-Ваквите наводи на Русија треба да се гледаат само како обид да се подготви контекст што може да послужи како изговор за голем терористички напад врз Украина, рече Подољак.

Тој додаде дека таков напад, доколку го изврши Киев, „нема да реши ниту еден воен проблем“ кога Москва сè уште контролира речиси 20 отсто од украинската територија.

-Напротив, тоа би ја охрабрило Русија да преземе уште порадикални акции против нашето цивилно население, рече тој.

Подољак кажа дека Москва многу се плаши од почетокот на украинската офанзива долж линијата на фронтот и се обидува на секој можен начин да преземе иницијатива и да го сврти вниманието.

Украина веќе неколку месеци наведува дека сака да изврши голема офанзива за враќање на териториите окупирани од Русија на југот и истокот од нејзината територија. Последните денови Киев соопшти дека привршуваат подготовките за нападот. сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан