• понеделник, 16 декември 2024

Подготвена физбилити студија за Закон за потекло на имот, ќе се проверува нелегално стекнат имот и капитал

Подготвена физбилити студија за Закон за потекло на имот, ќе се проверува нелегално стекнат имот и капитал
Скопје, 23 април 2021 (МИА) - Физибилити студијата за подготовка на Предлог Закон за потекло на имот, подготвена со експертска и техничка помош од Советот на Европа, денеска беше презентирана пред вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, од страна на меѓународни експерти од Советот на Европа. Студијата, се вели во соопштението од кабинетот на Николовски, дава покомплетна слика за потребата од носење на вакво законско решение, односно ќе треба да се докажува на кој начин е стекнат имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека стекнатиот имот и капитал ги надминува редовните одданочени приходи. -На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, е подготвена физибилити студијата, којашто е првиот чекор за подготвка на овој закон, што е од исклучителна важност за сузбивање на корупцијата и криминалот, преку испитување на потеклото на имот и капиталот. Очекуваме со овој закон да се надминат и досегашните системски пречки за проверка на имотот на актуелните функционери и оние фунцкионери на коишто им истекол мандатот. Со Законот за потекло на имот, за прв пат ќе се воведе контрола на капиталот, со што се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува  незаконско богатење врз грбот на граѓаните. За прв пат носиме ваква храбра одлука, за спроведување на системски реформи, за создавање на функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните, рече вицепремиерот Николовски. Студија содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение, а веќе е формирана работна група во чиј состав се домашни и меѓународни експерти кои започнуваат со подготовка на законските одредби. На презентацијата на студијата присуствуваа и претставници од Советот на Европа, од надлежните институции во земјава, како и домашни и странски експерти, кои ги искажаа своите мислења и предлози за физибилити студијата и за потребата од носење на Закон за потекло на имот. аа/лв/  

Остани поврзан