• вторник, 17 декември 2024

Погребана Медлин Олбрајт

Погребана Медлин Олбрајт
Вашингтон, 27 април 2022 година (МИА) - Американската политичка елита денеска во црква во Вашингтон се прости од Медлин Олбрајт (1937-2022), првата жена што беше државен секретар на САД. Комеморацијата ја предводеа американскиот претседател Џо Бајден и поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон, кој ја избра Олбрајт за свој највисок дипломат. Околу 1.400 гости се собраа да се простат од Олбрајт, која минатиот месец почина од рак на 84-годишна возраст. На службата присуствуваа и тројца државни секретари кои ја наследија, како и други сегашни и поранешни членови на владата, странски дипломати, пратеници и други кои ја познаваа. Бајден и оддаде почит на Олбрајт, велејќи дека „нејзиното име е синоним за идејата дека САД се добра сила во светот“. Поранешниот претседател Клинтон се потсети дека две недели пред да почине, му рекла дека „не сака да зборува за влошување на нејзиното здравје во време кога Западот е на раб по руската инвазија на Украина“, туку дека „единствено што е навистина важно е каков свет ќе им оставиме на нашите внуци“. На погребот беа поканети странски претставници, меѓу кои и претседателите на Грузија и Косово и високи претставници од Колумбија, БиХ и Чешка. Олбрајт е родена во Чехословачка, од каде нејзиното семејство побегна двапати - прво од нацистите, а потоа од советските власти. Дипломирала во САД, каде што студирала на колеџот Велсли и напредувала низ редовите на надворешнополитичките кругови на Демократската партија. Таа стана амбасадор на САД во Обединетите нации, а во 1996 година Бил Клинтон ја избра за државен секретар. ссм/  

Остани поврзан