• сабота, 21 декември 2024

Повторно уапсен поранешниот американски претседател Трамп

Повторно уапсен поранешниот американски претседател Трамп

Вашингтон, 13 јуни 2023 (МИА) – Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска пристигна пред судот во Мајами за да се соочи со федералните обвиненија, при што повторно беше официјално уапсен.

Тој е обвинет за незаконско задржување доверливи документи и за лажење на службениците кои се обиделе да ги вратат, но Трамп тврди дека е невин и вети дека ќе ја продолжи кампањата за изборите во ноември 2024 година.

Трамп е првиот поранешен или актуелен претседател на САД, кој се соочува со кривични пријави.

Но, според правните експерти тоа не го спречува да се кандидира или да ја преземе функцијата претседател дури и ако биде прогласен за виновен.

Обвинет е и поранешниот помошник на Трамп, Волт Наута. Според обвинението, Наута, заедно со својот шеф, пред и по претресот на Мар-аЛаго преместувал и криел кутии со доверливи информации. Тој беше обвинет и за давање лажни и погрешни изјави на ФБИ.

Трамп беше уапсен и на почетокот на април годинава во суд во Њујорк, во случај на измама поврзана со пари исплатени на порно ѕвезда во 2016 година. Тој е обвинет дека ги прекршил правилата за финансирање на кампањата бидејќи наводно и платил на порно ѕвездата Сторми Даниелс за да молчи за нивната врска, пред претседателските избори на кои ја победи демократката Хилари Клинтон. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан