Повторно пуштен со времен режим за сообраќај мостот на Вардар кај Башинo Село на еден од влезовите во Велес
- Од утрово во 10 часот повторно е пуштен во времен сообраќај мостот на Вардар кај Башино Село на еден од влезовите на Велес. Според одлуката на Јавното претпријатие за државни патишта движењето на сообраќајот е регулирано со светлосна сигнализација по една сообраќајна лента по средината на мостот.

Велес, 2 март 2025 (МИА) - Од утрово во 10 часот повторно е пуштен во времен сообраќај мостот на Вардар кај Башино Село на еден од влезовите на Велес. Според одлуката на Јавното претпријатие за државни патишта движењето на сообраќајот е регулирано со светлосна сигнализација по една сообраќајна лента по средината на мостот.
Мостот кој е изграден во 1971 година од тогашната ЈНА беше итно затворен на 3 јануари годинава поради нарушена стабилност на барање на Државниот сообраќаен инспекторат, откако од Градежниот факултет од Скопје биле доставени резултатите од редовната контрола, која покажала дека мостот е небезбеден. Градежните стручњаци вршат две редовни годишни контроли на оштетени мостови во земјава.
Веќе два месеци поради затворениот мост сообраќајот се одвиваше низ центарот на Велес, поради што имаше големи застои од колони возила посебно во „шпицовите“ на денот рано наутро и попладне кога граѓаните одат и се враќаат од работа. Товарните возила сообраќаа исто така низ центарот на градот но само ноќе од 22 до 6 часот наутро. Возилата во центарот во многу дополнително го загадија и така загадениот воздух на што реагираа граѓаните.
Инаку санацијата на мостот на регионалниот пат П 1312 кај Башино Село ќе ја чини државата 320 илјади евра.
На стотина метри подолу од сегашниот стар мост летово ќе започне изградбата на нов мост на Вардар, во населбата Речани, кој ќе го финансира Владата. Од ЈПДП информираат дека на јавниот повик за проектант на новиот мост се јавиле три фирми, а во моментов процесот е во фаза на склучување на договор. ад/нд/
Фото: МИА