• понеделник, 23 декември 2024

Повторно опожарена трска на струшкото крајбрежје

Повторно опожарена трска на струшкото крајбрежје
Струга, 1 мај 2021 (МИА) – Нов пожар на трски на брегот на Охридското Езеро вчера беше регистриран на потегот од плажата „Аквариус“ на излезот од Струга кон селото Калишта. Според првичните информации, опожарена била трска и друга сува вегетација на површина од околу 500 метри квадратни. - Во СВР Охрид вчера во 17 часот е пријавен пожар кај струшкото село Калишта, при што била опожарена трска во езерскиот појас. Пожарот, во кој нема повредени лица, е целосно изгаснат од Територијалната противпожарна единица од Струга. Извршен е увид од страна на увидна екипа од ОВР  Струга, информира денеска портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски. Територијалната против пожарна единица – Струга интервенирала со едно возило и тројца пожарникари. За кратко време, како што информираат, пожарот е ликвидиран. Праксата со палење трски продолжува со почнување на вегетацијата, но и градежната сезона. Од почетокот на годината ова е четврти случај со палење на крај езерска трска. На истиот појас пред само пет дена беше опожарена поголема површина со трски, а увид на местото извршија инспектори од струшката полиција и Државниот инспекторат за животна средина. Во првите два случаи поднесени се кривични пријави во едниот против непознат, а во другиот против познат сторител, односно сопственикот на земјиштето. сс/аа/

Остани поврзан