• понеделник, 23 декември 2024

Повредените во Нови Сад се уште во тешка состојба

Повредените во Нови Сад се уште во тешка состојба

Нови Сад, 4 ноември 2024 (МИА) – Тројцата пациенти кои беа тешко повредени во падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се уште се во тешка состојба, а лекарите даваат се од себе во борба за нивните животи, изјави Весна Туркулов, директорка на Клиничкиот центар на Војводина.

- Пациентите се уште се во многу тешка состојба, се уште се нестабилни. Лекарите од Клиничкиот центар прават максимални напори, има голем стручен тим, се бориме за нивниот живот, а дијагностиката е постојано во тек, рече Туркулов за Танјуг.

Таа додаде дека над пациентите се спроведува 24-часовен мониторинг, особено затоа што се работи за пациенти што лежат и оти тие се уште се на апарати за вештачко дишење.

- Кога велам дијагностика, мислам пред се на скенери, поради можно внатрешно крварење. Тоа е најважно, рече Туркулов.

Според неа, повреди од овој тип можат да се видат само во случаи на земјотреси.

- Крварењето и внатрешните модринки на сите ткива и органи – тоа е она што најмногу ги загрозува. Не надворешни трауми, туку тие повреди, рече директорката на КЦВ.

Клиничкиот центар не се занимава со прогнози, сметајќи дека тоа е неблагодарно бидејќи сите се уште се загрозени. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан