• вторник, 24 декември 2024

Повисоки плати на вработените и нова комунална дејност во ЈП „ПОЦ“ 

Повисоки плати на вработените и нова комунална дејност во ЈП „ПОЦ“ 
Скопје, 14 март 2022 (МИА) - Со 13 гласа „за“ советниците од Советот на Општина Центар дадоа согласност на Одлуката за измена на Правилникот за платите, надоместоците на плати и други примања на вработените во Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар-Скопје, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар. Како што информира Општина Центар, оваа одлука за ЈП „ПОЦ“ Советот на Општина Центар ја донесе во согласност со Одлуката на Владата за утврдување на минималната плата во висина од 18.000 денари. Покрај одлуката за зголемување на платите, советниците гласаа и за измени во Статутот на ЈП „ПОЦ“, со што во претпријатието се додаде одржувањето на хигиената на улиците, како и на постоечката урбана опрема на територија на Општина Центар. На седницата советниците ги изгласаа и Годишниот извештај за работа на Полициската станица од општа надлежност „Центар“ за период од 1.1.2021 до 31.12.2021година, прифаќањето донација на надворешен уред за третман (филтрација) на воздух Аеро C и измените на Статутите на пет општински основни училишта („Киро Глигоров“, „Св. Кирил и Методиј“, „11 Октомври“, „Гоце Делчев“ и „Коле Неделковски“), во деловите поврзани со врсничко насилство на учениците. Советниците позитивно се изјаснија и за одлука за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште за надградба на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за хематологија-Скопје, а ги усвоија и годишните извештаи за работа на општинските сектори и одделенија. Усвоена е завршната сметка на Буџетот на Општина Центар за 2021 година, усвоена е Одлуката за реконструкција на три фасади во Центар (ул. „Дебарца“ бр.17, ул. „Никола Тримпаре“ бр. 24/3 и бул. „Илинден“ бр.37-1/15) и се доделија средства на граѓанин од Центар, чиј стан изгоре во пожар на први јануари 2022 година. мд/бт/

Остани поврзан