• понеделник, 23 декември 2024

Повеќе од 50 политички затвореници во ОАЕ се во затвор и по завршувањето на нивните казни

Повеќе од 50 политички затвореници во ОАЕ се во затвор и по завршувањето на нивните казни

Абу Даби, 9 мај 2023 (МИА) – Повеќе од 50 лица осудени за заговор против владата на Обединетите Арапски Емирати остануваат во затвор со месеци и години и по истекот на нивните казни, изјавија денеска членови на семејствата и активисти за човекови права.

Неистомислениците се дел од таканаречените „ОАЕ94“, група од 94 адвокати, застапници за човекови права и професори на кои им се судеше во 2013 година и чии затворски казни почнаа да истекуваат во 2019 година.

Ахмед Ал-Нуаими, чиј брат бил осуден на десет години за наводен заговор за соборување на владата, изјави дека требало да биде ослободен во март 2023 година. Наместо тоа, тој останал во заробеништво поради „советување“.

Мал број земји го покренаа прашањето за затворениците на вчерашниот состанок на ОН, вклучително и американската амбасадорка која ја повика владата на ОАЕ да ги ослободи „сите поединци затворени поради користење на нивната слобода на изразување“.

Шама Сохаил Фарис Ганем Ал Мазруи, министерка за развој на ОАЕ, пред СБ на ОН рече дека е постигнат голем напредок, како што е формирањето на Националната комисија за човекови права.

Обединетите Арапски Емирати се трговски и туристички центар на Блискиот Исток, а во ноември земјата ќе биде домаќин на климатската конференција КОП28.

Ал Нуаими рече дека е разочаран што западните демократии не вршат поголем притисок врз ОАЕ. „Тие се однесуваат прагматично, не се грижат премногу за овој проблем“, нагласи тој. јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан