Повеќе од 15 артисти на главната вечер на Таксират
- Повеќе од 15 музички артисти ќе бидат дел од главната вечер на најголемиот музички фестивал во Македонија – ТАКСИРАТ што ќе се одржи вечерва во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Скопје, 7 декември 2024 (МИА) – Повеќе од 15 музички артисти ќе бидат дел од главната вечер на најголемиот музички фестивал во Македонија – ТАКСИРАТ што ќе се одржи вечерва со почеток во 19 часот во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Како што соопштуваат организаторите, на затворањето на 26-то издание на фестивалот Таксират публиката за прв пат ќе има прилика да ужива во настапите на светските ѕвезди од електронската сцена, како што се британскиот диџеј и продуцент HOT SINCE 82 и норвешкото електро-поп дуо RÖYKSOPP.
Покрај нив, на Главната Мтел бина ќе настапат и популарни регионални артисти, меѓу кои и хрватскиот евровизиски херој БЕЈБИ ЛАЗАЊА, кој за прв пат ќе настапи во Македонија.
Од Загреб пристигнува и омилениот концертен бенд „ЕЛЕМЕНТАЛ“, познат по своите енергични настапи во живо.
На Главната Мтел бина ќе настапат и легендарните „ПАРТИБРЕЈКЕРС“, познати по своите моќни рок настапи, панк енергија и блузерска душа.
Вонсерискиот мајстор од белградската рап сцена СМОКЕ МАРДЕЉАНО ќе го преземе кормилото за врвен хип-хоп на втората бина „Smooth Stage“, каде ќе му се придружат и неговите сограѓани „ПРТИ БЕ ГЕ“.
На оваа бина ќе настапи и младиот словенечки уметник „РУЖНО ПАЧЕ“, кој важи за глас на новата генерација.
Домашната сцена ќе ја претстават артистите од „Trap Da Fuck Up“, кои премиерно ќе го претстават својот нов аудио-визуелен проект TDFU ARCADE. ар/нд/
Фото: МИА архива