Повеќе од два милиони раселени поради поплавите на Рогот на Африка
- Повеќе од два милиони луѓе се раселени, а речиси 300 загинаа во обилните дождови и поплавите во земјите од Рогот на Африка, според податоци на владите и ОН.
Могадишу, 30 ноември 2023 (МИА) – Повеќе од два милиони луѓе се раселени, а речиси 300 загинаа во обилните дождови и поплавите во земјите од Рогот на Африка, според податоци на владите и ОН.
По најтешката суша во последните 40 години, регионот со недели е погоден од обилни дождови и поплави поврзани со климатскиот феномен Ел Нињо
Во Сомалија, еден милион луѓе се раселени, а стотина загинаа, во Етиопија 600.000 луѓе се раселени и 57 загинаа, а во Кенија 460.000 луѓе се раселени и досега има 136 жртви, соопштија ОН.
- Ситуацијата е катастрофална. Регионите кои имаа потешкотии да закрепнат од економските и еколошките последици од долгата суша сега се двојно погодени од поплави, се вели во соопштението на невладината организација Акција против гладта, објавено пред отворањето на Конференција за климата КОП28.
Во Сомалија, речиси 1,5 милиони деца на возраст под пет години ќе бидат неухранети од август 2023 до јули 2024 година, според ОН и сомалиската агенција за управување со катастрофи.
- Постојаните климатски шокови, општата несигурност и ендемската сиромаштија ги доведоа Сомалијците до точка на пукање, рече претставникот на ОН Џорџ Конвеј.
Во источна Сомалија, еден од најпогодените региони, се појавила и колера. Според организацијата Спасете ги децата (Save The Children), потврдени се 772 случаи, а најмалку 23 лица починале.
Властите во Могадишу прогласија вонредна состојба на 12 ноември. Владата објави дека добила 25.000 тони жито од Русија, а уште толку очекува во декември.
Рогот на Африка е еден од најранливите региони на климатските промени и екстремните временски услови таму стануваат се почести и поинтензивни.
Ел Нињо, кој е поврзан со пораст на температурите, суши во некои делови од светот и обилни дождови во други, се очекува да трае до април. Од октомври 1997 година до јануари 1998 година, предизвика обилни дождови и поплави во Источна Африка во кои загинаа повеќе од 6.000 луѓе во пет земји. јт/
Фото: ЕПА