• понеделник, 17 март 2025

Повеќето жители на Хавана повторно имаат струја по два дена прекин

Повеќето жители на Хавана повторно имаат струја по два дена прекин

Хавана, 17 март 2025 (МИА) - Компанијата што ја снабдува Хавана со електрична енергија соопшти дека повеќето жители на кубанската престолнина повторно добиле струја по речиси два дена прекин.

Според податоците на електродистрибутивната компанија во Хавана, околу две третини од корисниците веќе имаат пристап до електрична енергија, а се очекува бројот да се зголеми во текот на ноќта. Струјата е повторно воспоставена и во најзападната кубанска провинција Пинар дел Рио.

Во функција се ставени и двете најголеми нафтени електрани на Куба – Фелтон и Антонио Гитерас, што претставува значаен чекор кон нормализирање на снабдувањето со електрична енергија низ целата земја.

Речиси 48 часа, Хавана, густо населен град и голем туристички центар, беше без електрична енергија, што ја парализираше трговијата и угостителските објекти, а улиците останаа во целосен мрак во вечерните и ноќните часови.

Проблемот беше предизвикан од дефект на трафостаница во петокот навечер, поради што околу 10 милиони жители низ Куба останаа без струја.

Кубанската влада за кризата го обвини 60-годишното американско трговско ембарго, кое, според властите, го отежнува снабдувањето со нафта од странство.ссм/

фото: архива

Остани поврзан