• вторник, 24 декември 2024

Пленковиќ: Резултатите од влезот во Шенген и еврозоната Хрватска ќе ги види кон крајот на оваа година

Пленковиќ: Резултатите од влезот во Шенген и еврозоната Хрватска ќе ги види кон крајот на оваа година

Загреб, 24 јануари 2023 (МИА) - Во организација на Хрватската влада и Хрватската народна банка (ХНБ), во Националната и универзитетска библиотека (НСК) се одржа конференцијата „Хрватска - 20-та членка на еврозоната“, која беше отворена со воведни говори на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и Комесарот за трговија при Европската комисија, Валдис Домбровскис.

Од 1 јануари 2023 година, Хрватска стана 18-та земја-членка на Европската Унија која е целосно интегрирана по истовременото пристапување во еврозоната и Шенгенот.

Пленковиќ во своето обраќање истакна дека Хрватска е единствената земја во историјата на Европската Унија која во ист ден влезе во Шенген зоната и во еврозоната. Тој додаде дека Хрватска е меѓу 15-те земји кои се членки на Европската Унија, НАТО алијансата, Шенген зоната и еврозоната.

- Ние сме меѓу петте проценти од населението што ја користи втората најсилна валута, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека целиот процес за воведување на еврото во Хрватска започнал во 2017 година со партнерство на Владата и Хрватската народна банка, која ги спроведе неопходните реформски процеси во соработка со централноевропските институции, Европската централна банка и Европската комисија.

- Дојдовме до позиција каде што остваруваме 80 проценти од нашата размена со членките на Шенген зоната, додека дури 3/4 од нашите туристи се од таа област. Убеден сум дека дури по крајот на оваа година ќе видиме колку добро сме направиле за хрватската економија и хрватските граѓани со остварувањето на овие две цели, потенцираше Пленковиќ.

Тој рече дека годинава преку соработка со Европската централна банка ќе се направат напори за намалување на инфлацијата со цел до 2025 година нивото на инфлација во еврозоната да се врати на два отсто.

Домбровскис истакна дека интеграцијата на Хрватска во еврозоната стана важен фактор за донесување политички и финансиски одлуки на европско ниво.

Домбровскис потсети дека европскиот и светскиот мир во моментов се загрозени од руската агресија врз Украина, како и финансиската и енергетската стабилност, и додаде дека влезот на Хрватска во еврозоната се совпаѓа со високата инфлација во Европа и на глобално ниво, со која другите земји не мораа да се соочат при спроведувањето на сопственото членство во еврозоната.

- Цврсто верувам дека еврото ќе донесе придобивки за граѓаните и деловните субјекти за Хрватска и дека, исто како и во Летонија, ќе биде стабилизирачка сила, рече Домбровскис.

Тој оцени дека еврото ќе помогне за конкурентноста на хрватската економија, ќе придонесе за развој на туризмот и ќе привлече инвеститори.

Гувернерот на ХНБ Борис Вујчиќ, хрватскиот министер за финансии Марко Приморац и еврокомесарот за економија Паоло Џентилони учествуваа на конференцијата и тркалезната маса „Еврото како гарант на издржливоста“, а претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард се обрати преку видео врска. ссм/

Остани поврзан