• петок, 05 декември 2025

Плеврис: Почна префрлањето на мигрантите од Крит во центри од затворен тип

Плеврис: Почна префрлањето на мигрантите од Крит во центри од затворен тип

Атина, 16 септември 2025 (МИА) – Имавме зголемен мигрантски бран по два месеци, за два дена, за викендот, пристигнаа околу 850 лица, а од вчера започна префрлање на мигрантите од Крит што ќе продолжи и денеска и во следните два-три дена сите ќе заминат, со префрлање во центри во надлежност на Министерството, рече министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, во интервјуто за државната телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

На Крит се околу 1.2000 мигранти, а Плеврис објасни дека согласно привремениот и вонреден амандман изгласан во јули, тие се сметаат за притворени бидејќи нелегално влегоа во земјата, ќе бидат лишени од слобода и нема да бидат префрлени во класични згрижувачки центри за мигранти, туку во центри од затворен тип.

- На Крит беа регистрирани само 689 пристигнувања во август. Во првите десет дена од септември имаше 75, а од 12 до 15 септември пристигнаа околу 850 лица. Ја разгледуваме појавата за да видиме дали е моментална или е со одредена цел во смисла нова интензивна активност од криумчарите како што беше на почетокот на јули или ова е поврзано со конкретни цели или инструментализација, нагласи Плеврис.

Додаде дека денеска од Крит треба да бидат префрлени околу 600 мигранти, што се очекува значително да го намали бројот на островот во наредните денови.

Посочи дека проблемот на Крит е тоа што не постои центар за мигранти како што е случај на островите Лезбос, Самос, Кос и Хиос и нагласи дека привремен простор со капацитет од најмногу 1.000 лица ќе биде изграден без разлика дали локалните власти се согласуваат со тоа или не.

- Од една страна, во источниот дел од Егејското море имаме намалување на брановите за 11 отсто, таму ситуацијата е најдобра во последните години и ова се должи и на соработката со турската крајбрежна служба, а од друга, на Крит е создаден нов канал, нагласи Плеврис и додаде дека овој остров „стана клучна влезна точка за мигранти“, со над 12.000 пристигнувања во првите осум месеци од годинава од вкупно 27.000 за целата земја. 

Во однос на вонредниот и привремен амандман во траење од три месеци што беше изгласан во јули и предвидува суспензија на барањата за азил за лицата кои нелегално влегле во Грција од северна Африка, министерот објасни дека приближувајќи се кон истекот на 11 октомври „ја губи својата динамика“ и ова може да даде поттик за нови текови, а нагласи дека ќе се следи во зависност од развојот на ситуацијата ќе биде одлучено дали ќе се продолжи мерката или не. ср/

Остани поврзан