• сабота, 23 ноември 2024

Плевнелиев: Бугарија ја очекува привремена влада со краток период на дејствување

Плевнелиев: Бугарија ја очекува привремена влада со краток период на дејствување
Софија, 17 септември 2022 (МИА) - Поранешниот претседател на Бугарија Росен Плевнелиев за НОВА изјави дека по предвремените парламентарни избори во земјава ќе има две опции. Како што јави дописникот на МИА од Софија, тој вели дека нема да биде важно колку партии ќе влезат во новото Народно собрание. Според него, изборите се многу јасни - или ќе ја остават Бугарија во изолација или ќе ја забрзаат нејзината интеграција во ЕУ. „Бугарскиот народ одамна ја избра Европа“, истакна Плевнелиев и повика на влез во Шенген и во Еврозоната. Тој смета дека е „недемократско“ да има лични битки меѓу партиите во кампањата. Според Плевнелиев, Бугарија ја очекува привремена влада со краток хоризонт по парламентарните избори на 2 октомври. „Доколку лидерите на проевропските политички сили ја сфатат одговорноста пред нив и дека длабоката опозиција во општеството им служи на империите на исток од Бугарија и нивните геополитички амбиции, ќе мора да го потиснат нивното его и да се повлечат“, рече Плевнелиев. Како можна опција го изрази формирањето на програмска влада со јасна визија и цели. Плевнелиев рече дека  претседателска република не е добра опција за Бугарија. Плевнелиев прогнозира дека 2023 година ќе биде „тешка година“ не само за Бугарија, туку и за светот. Тој повика проблемите да не се разгледуваат под маса, туку политичарите во Бугарија да се однесуваат како државници. До предвремените парламентарни избори во Бугарија остануваат уште две недели. нк/паг/  

Остани поврзан