• вторник, 24 декември 2024

Платформа за родова еднаквост: Загрижува недоволната застапеност на жените во новата влада

Платформа за родова еднаквост: Загрижува недоволната застапеност на жените во новата влада

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - По формирањето на новата влада, од Платформата за родова еднаквост соопштија дека изразуваат сериозна загриженост за недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување. Како што потенцираат, вознемирувачки е што исклучувањето на жените од извршната власт е силно евидентно во новоформираната влада.

-И покрај тоа што државата постигна пресвртница со изборот на првата жена претседателка на државата – достигнување за пофалба, моментумот за што пошироко вклучување на жените на високи позиции на влијание и одлучување се чини дека е во застој, се вели во соопштението на Платформата. 

Како што посочуваат, претходната влада имаше скромна 25 проценти застапеност на жени во министерски улоги (пет од 16 министерства), сепак, оваа бројка сега е намалена за половина, при што само три жени земаат министерски позиции од вкупно 24 (или само 13 проценти).

Овој регрес, според Платформата, е особено алармантен со оглед на иницијативата на Комисијата за еднакви можности при Собранието на Северна Македонија од 2023 година, која имаше за цел да воведе промени во изборниот законик кои подразбираа промена на постоечките квоти за репрезентативни позиции (пристап 50-50, односно 50 проценти учество на жените во советите на локалните самоуправи и во Собранието), како и вклучување квоти за позициите со извршна и одлучувачка моќ (30 проценти за градоначалнички и 40 проценти за министерски позиции).

-Воведувањето на квоти во 2002 година значително ја подобри застапеноста на жените низ годините, но бенефитите не се проширија на позиции кои не се регулирани со квоти, што укажува на постоечки системски предизвици за жените во политиката. Составот на актуелната влада забележува загрижувачки пад на политичкото учество на жените, што сигнализира регрес во полето на родова еднаквост во политиката, велат од Платформата за родова еднаквост.

Тие потенцираат дека наодите од истражувањата покажуваат оти една од главните причини за недоволното учество на жените во политиката е токму недостатокот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклученост на жените во процесите кои подразбираат моќ на индивидуално одлучување. Овие пречки, појаснуваат, потекнуваат од вкоренетите родови стереотипи и одбивањето правично да се распредели моќта за одлучување.

Таквиот отпор, според Платформата за родова еднаквост, е штетен, не само за жените туку и за општеството како целина, бидејќи го попречува решавањето на прашања клучни за подобрување на квалитетот на животот на барем половина од населението.

-Од клучно значење е да се истакне дека Северна Македонија може да се пофали со поголем процент на високообразовани жени во споредба со мажи. Затоа, потсетуваме дека прашањето на недоволно политичко учество не е поврзано со недостатокот на амбиција или образовна квалификација кај политичарките, туку истите се соочуваат со системски бариери и постојано обесхрабрување од професионалната сфера, јавноста и приватната околина, што го задушува нивниот политички ангажман, додаваат од Платформата.

Од Платформата за родова еднаквост повикуваат на итна акција за отстранување на бариерите за вклучување на жените во политиката и обезбедување еднаква и правична застапеност на сите нивоа на власта. Како што потенцираат, постигнувањето на вистинска родова еднаквост не е само прашање на правичност, туку е и неопходен предуслов за демократски и социјален напредок на Северна Македонија. бт/дма/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан