• четврток, 26 декември 2024

Платформата за родова еднаквост од ОЈО бара преквалификување на убиството во Кочани

Платформата за родова еднаквост од ОЈО бара преквалификување на убиството во Кочани

Скопје, 29 септември 2023 (МИА) - Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово-базирано насилство, кога жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин. Со тоа се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово-базираното насилство, се истакнува во денешното соопштение на Платформата за родова еднаквост.

- Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради основано сомнение дека сторило кривично дело - убиство, според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. „Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и ѝ задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место“ - стои во соопштението на ЈО Кочани. Ова несомнено покажува дека фемицидот како родово-базирано насилство, повторно не е препознаено, се нагласува во соопштението.

Од Платформата за родова еднаквост бараат Основното јавно обвинителство да го „преквалификува кривичното дело - фемицидот во Кочани, согласно член 123, став 2, точка 2а - друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, согласно последните измени на Кривичниот законик“.

Платформата за родова еднаквост ќе поднесе барање до државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, за преквалификување на делото, согласно член 123 став 2, точка 2а, се додава во соопштението. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан